До 30-ти март се подготвуваат измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа,потоа ќе следува собраниска процедура и донесување до лето,според ресорниот министер Златко Перински. Според новиот закон, нема да се испочитуваат препораките на ОБСЕ дека законски измените не треба да се носат помалку од шест месеци пред изборите.
“Ова е системско решение, системски закон, за којшто беше потребна широката јавна дебата, за да ги слушнеме сите актери. Некои мислеа дека многу се четири јавни дебати, ама ние инсистиравме да има барем четири, да можеме да ги слушнеме и да ги вклучиме сите. По 30-ти март законот ќе биде оперативен, во насока кон предлагањето измените да се валидизираат од релевантните институции, така што очекувам до летото целокупниот процес да биде завршен. На нас е важно новите градоначалници да бидат избрани според новиот закон за локална самоуправа”, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа.
Според новиот закон, предвидено е референдумско отстранување на избраните градоначалници. Сегашните ќе бидат поштедени, бидејќи законот нема да се применува ретроградно. Законот за локална самоуправа ќе постави основи за комунална полиција, но ќе се чека на друг закон за да се формира. Претложено е и општествено корисна работа за прекршителите, а доколку се малолетни и за нивните родители.
“Тоа се идеи и предлози за кои се дискутираме и се анализираат од оние што се најзапознаени со примената на ова законско решение. Нашата задолжност е да ги обликуваме најдобрите предлози”,изјави проф. д-р Александар Спасеновски.
Со новиот закон се очекува поголемо учество на граѓанскиот сектор при донесување на одлуките на локално ниво.