Нов рекорд: Има 49 години, а 23 пати се искачил на Монт Еверест

Со 23-тото искачување на „кровот на светот“ – Монт Еверест, Ками Рита не само што го собори сопствениот светски рекорд, туку и се доближи до зацртаната цел од најмалку 25 искачувања. Овојпат Рита се искачи од јужната страна на врвот во 7.50 часот по локално време.

49-годишниот Рита е непалски шерпас и првпат го освоил Еверест во 1994 година, кога имал 24 години. Во 2016-та го искачил и од кинеска страна.

Сезоната на искачување на Еверест официјално почна во вторникот, со осум шерпаси – непалски водичи, кои стигнаа до врвот. Нивната задача е да го подготват патот до врвот на планината висока 8.848 метри и за другите алпинисти.

Во текот на оваа алпинистичка сезона, се очекуваат околу 1.000 алпинисти што ќе се обидат да го освојат врвот на Хималаите. Првпат тоа го направија Едмунд Хилари и Тензинг Норгај во 1953 година. Оттогаш на Еверест се имаат искачено околу 4.000 алпинисти. Неколку стотици никогаш не се вратија.

Препорачуваме да погледнете и КАКО ИЗГЛЕДА ИСКАЧУВАЊЕТО НА ПОСЛЕДНИТЕ МЕТРИ НА МОНТ ЕВЕРЕСТ, ОДБЛИЗУ (HD ВИДЕО)

- Реклама -