Нов пораз на македонската фудбалска репрезентација

Нов, четврти пораз по ред на македонската репрезентација без постигнат гол, овој пат загубивме на гостувањето кај Норвешка со 2-0.

Нов неуспех на македонската репрезентација, пораз и во вториот пријателски натпревар во Скандинавија, загубивме од Норвешка со 2-0.

Со овој пораз избраниците на Чеде Јаневски сврзаа серија од четири загубени натпревари без постигнат погодок.

Македонија добро го започна натпреварот и создаде две шанси пред да биде затресена мрежата на Пачовски.

Норвежаните поведоа во 9. минута со голот на Скјелбред.

По примениот погодок падна играта на Македонија, Норвешка беше селекцијата која доминираше на теренот.

На почетокот од вториот дел бевме блиску до израмнување, но Хасани ја погоди стативата од противничкиот гол.

Во 61. минута глупав потег на Грнчаров, кој по добиениот жолт картон се расправаше со судијата и заработи исклучување оставајќи ја нашата репрезентација со фудбалер помалку до крајот на натпреварот.

Тоа го искористи Норвешка и со голот на Братен во 79. минута ги постави конечните 2-0.

Поразите и играта во пријателските натпревари против Шведска и Норвешка не влеваат многу оптимизам пред септемвриските квалификациони натпревари за СП 2014.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -