Во последниве години, инаку фригидните рамнини на северен Сибир станаа главен центар за мистериозни геолошки феномени. Изминатите неколку години, под површинскиот слој на пермафростот се отворија неколку невообичаени кратери, а пред околу еден месец, во регионот Сака се отвори голема провалија, толку широка и длабока што локалните ја нарекоа „Порта кон пеколот“.
Сега, во замрзнатата тундра на оддалечениот сибирски остров Бели, научниците најдоа неколку подземни меури.
Пред неколку дена, Siberian Times објави видео во кое научниците Александар Соколов и Дороти Ерич истражуваат навидум обично парче земја прекриена со трева, но со многу чудни својства. Земјата изгледа течна и се однесува како трамболина, а кога Соколов и Ерич ја продупчиле, од неа всушност се ослободиле метан и јаглероден диоксид. Научниците нашле 15 такви – налик на плускавци – места на островот.
Сé уште не е јасно како овие џебови од гас се формираат, но се смета дека тоа е последица на глобалното загревање и топлотниот бран што го топи таканаречениот пермафрост – што овозможува заробениот гас метан да биде ослободен кон површината. Се смета дека кратерите, на пример, настануваат со експлозија на овие гасни џебови.
Најголем дел од сибирската почва е составена од густа компактна органска материја која се таложела во тек од илјадници години. При разложувањето на органската материја, се ослободува метан и јаглероден диоксид, кои дебелиот пермафрост ги чуваше заробени во почвата.
Многу од научниците се загрижени дека арктичките емисии на метан можат да предизвикаат „дополнително глобално загревање“, особено што метанот има 84% повисок потенцијал за загревање од јаглеродниот диоксид. Една студија проценува дека до 2100-тата, ако климатските промени продолжат да се влошуваат, топењето на пермафростот (во кое, според некои научници, голем удел имаат верверичките) ќе ослободи и до 205 милијарди тони јаглеродни емисии.
Островот Бели, пак, се наоѓа во Карско море на Арктикот, и е популарна дестинација за истражувачите кои ги проучуваат ефектите на климатските промени врз северните екосистеми. Според Соколов, островот бил необјасниво топол ова лето, предизвикувајќи големи групи од гладни поларни мечки да го напуштаат островот и да пливаат кон брегот, во потрага по храна.