Во серијалот блескави мигови што ни ги приреди во последно време МакАутоСтар, македонскиот импортер за Мерцедесовата програма, по претставувањето на С-класата, потоа новата GLA, бевме дел и од една несекојдна презентација на совршенството и моќта – Mercedes-Benz Roadshow.
Ова Mercedes-Benz Roadshow се организира само во неколку европски држави, а оваа година меѓу нив е и Македонија. Турнејата наречена „Вашето чудесно патување – Mercedes-Benz Star Experience“ трае нешто повеќе од два месеци и досега „измина“ над 8.000 километри. На овој пат на кој Mercedes-Benz спојува различни култури, црпи искуства, импресии…, уште еднаш потврдува зашто е на самиот врв во автомобилскиот свет.
Ова за нас беше уште еден Mercedes-Benz Star Experience на кои минавме незаборавни мигови од повеќе аспекти, од тоа што разменивме мислења со врвни експерти од Мерцедесовиот инжинерски тим, се соочивме со новите технолошки достигнувања во моделите на „трикраката ѕвезда“, за да на крајот проверивме колку може да го заскокоткаат нашиот адреналин моќните машини од мерцедесовата спортска поделба – AMG. Секое вакво дружење, а верувајте во својата 20-годишнина колку што излегува ревијата, која воедно се вклопува и со дведецениското постоење и на Мак АутоСтар, сме биле присутни на многу од нив и секоја била сосема поинаква, со различна програма, со поинаков пристап…, но поентата е секогаш иста да се потврдат оригиналноста, квалитетот и виските технолошки достигнувања согласно современите трендови.
„Вашето чудесно патување – Mercedes-Benz Star Experience“ беше составено од три дела. За оваа цел, Mercedes-Benz во Македонија, пристигна со врвни светски инструктори за возење, кои преку теоретски дел и неколку практични вежби на полигон, на учесниците на настанот им ги демонстрираат сите врвни достигнувања на Mercedes-Benz во делот на безбедносните и останати електронски системи. Првиот дел беше посветен на новата Mercedes S-класа која е посебно горда на специјална технологија наречена Intelligent Drive, која обединува голем број веќе проверени и нови системи за удобност и безбедност, како активна, така и пасивна. Со помош на подобрен сензорски систем, дел од состави за интелигентна помош можат да анализираат сложени ситуации и да препознаваат потенцијални опасности на патот.
Сликовито кажано, новата S-класа има очи не само напред, туку таа „може да гледа“ 360 степени, околу себе! Во опремата на новата генерација Mercedes S-класа се вклучени DISTRONIC PLUS со Steering Assist, кои помагаат во одржувањето на сообраќајот во една лента и е во можност автоматски да го поддржува движењето на возилото во засилен сообраќај со чести прекини и тргнувања. BAS PLUS со функција Cross-Traffic Assist, е во состојба да препознава кога странично се приближуваат возила и пешаци, а PRE-SAFE Brake – препознава пешаци и автоматски ги активира сопирачките при брзина на движење до 50 km/h. PRE-SAFE Impulse – со помош на ремените, возачот и совозачот се повлекуваат во спротивна на очекуваниот удар насока. Треба да се напомене дека заедно со индивидуализираниот сопирачки асистент систем, нудејќи заштита од судир при брзина над 7 km/h, COLLISION PREVENTION ASSIST PLUS располага и со дополнителна функција.
При долготрајна опасност од судир до брзина од околу 105 km/h и доцнa реакција на возачот системот може да изврши автономно активирање на сопирачките и така да ги минимизира последиците преку бавното движење или запирање на возилото. До брзина од 50 km/h системот ги активира сопирачките и кон неподвижни автомобили, а до 40 km/h може да избегне судири со возилото во движење напред. На крај секако вреди да се напомене и автоматското паркирање, каде без никаква помош на возачот, ако возилото „открие“ можности да се паркира целиот процес го изведува самостојно и крајно бебедно.
Во втората фаза, со можност да се пробаат на сите модели од Мерцедесовата гама, беа со особено внимание претставени можностите на овие безбадносни системи, асистент состави… Можевме да доловиме како делува составот за стабилност, ABS, BAS, EBD ситемите кои се грижат за вредностите и можностите во дадени ситуации на сопирачките, системот за пролизгување…, а се разбира да се долови и комодитетот и комфорот при екстремни ситуации и режими на управување.
Шлаг на манифестацијата беше дружењето со модели AMG поделбата, најмоќните автомобили со „трикрака ѕвезда“. Одговорните за овој настан се обидоа да го заскокоткаат адреналинот кај секој што дојде на ова несомнено фантастично и незаборавно дружење со A45 AMG и CLA 45 AMG, со најмноќните дволитарски мотори во светот со 360 KS, потоа SLK 55 AMG, E63 AMG S со дури 585 коњски сили, како и ексклузивниот SL 63 AMG. Несекојдневен филинг каде „коњите“ и нивното бревтање едноставно ви ги „параат ушите, градите, стомакот…“. За миг овие ѕверки не пренесоа во еден друг, волшебен свет.
На крајот вреди дека освен новите С-класа и GLA, посебно место на платото пред зградата на аеродромот „Александар Велики“ зазеде новата генерација на V-класа, која со Мерцедесовиот караван пристигна во Скопје. Најголемиот член на штутгартското семејство автомобили е со дизајн во склад со новите генерација на моделите C, E и S-класа. Формите се динамични и стилски, кои ја претвораат V-класа во единствена понуда во сегментот.
Слична е ситуацијата и во внатрешноста, каде може да се нарачаат премиум кожен тапацир, елементи од вистинско дрво и индивидуални задни седишта, разделени со посебна конзола. Миниванот располага уште со амбиентално осветлување, LED фарови со интелигентен систем за осветлување и touchpad дисплеј кој е дел од мултимедијалниот систем COMAND Online. Моторите со кои ќе се нуди новата V-класа се вкупно три. Основната верзија 200 CDI се потпира на 2.1-литарски дизел мотор со четири цилиндри (136 КЅ и 330 Nm), а следната опција во палетата – 220 CDI, испорачува 163 КS и 380 Nm. Топ модификацијата 250 BlueTec co стандарди Евро-6, обезбедува 190 КS и 440 Nm. Овој модел е опремен сериски со трансмисија 7G-TRONIC PLUS со DIRECT SELECT. Бидејќи новината е создадена за да освојува како приватни, така и бизнис клиенти, каросеријата нуди извонредна функционалност. Во понуда се две верзии според должината на меѓуоскиното растојание – 3.200 или 3.430 mm, како и три различни должини на каросерија – од 4.895 до 5.370 mm.