Скептиците не сакаат често да ги носат бебињата во раце, бидејќи бебињата така „ќе се навикнеле“ и подоцна ќе „манипулирале“ со таа навика.
Но, многу доктори ќе потврдат дека таквата пракса има исклучителна важност. Освен зајакнувањето на емотивната поврзаност со мајката или таткото, со носењето на бебето во раце или скут се активира неговиот систем за рамнотежа, а тоа влијае на развојот на моторичките и физиолошките способности на бебето.
Докторката Марта Сирс, во својата книга „Attachment Parenting“, опишува како се вклучува системот за рамнотежа кај бебињата.
„Три мали структури, како либели, се сместени зад средното уво на бебето. Една ги следи движењата во правец напред-назад, другата лево-десно, а третата горе-доле. При секое движење на бебето, т.е. на лицето што го држи бебето во рацете, течноста во тие либели ги поместува тенките нишки кои треперат и пренесуваат сигнали до мозокот. Така собраните податоци служат за одржување на рамнотежата на телото“, објаснува Сирс.
Така, бебињата чии родители почесто ги носат во раце, се поизложени на бројни стимули и промени во рамнотежата на телото, што на крајот е многу подобро за бебето отколку времето поминато лежејќи во креветче. Бебето носено во раце мора да се прилагодува на движењата на лицето што го носи, а тоа е дополнителен тренинг за моторичките способности.