Жителите на малиот норвешки остров Sommarøy се решени официјално да ги фрлат часовниците и да се ослободат од концептот на време.
Sommarøy се наоѓа западно од Тромзо и северно од Арктичкиот круг, и има вкупно околу 350 жители, кои се сериозни во намерата да станат првата слободна временска зона во светот. Неодамна тие се сретнаа и со својот претставник во парламентот – Кент Гудмундсен, за да му ја врачат потпишаната петиција со која бараат да се укинат работните часови и да им биде дозволено „да прават што сакаат, кога сакаат“.
Но зошто? Па, островот поминува цели два месеци во тотална темнина преку зимата, а по 24 часа на сонце преку летото. Сонцето таму нема зајдено од 18 мај, а првпат тоа ќе се случи дури на 26 јули.
„Често нè прашуваат: Како знаете колку е часот во лето кога нема ноќ? Токму тоа е причината што го правиме ова“, објаснуваат локалните на својата официјална Фејсбук страна (Time-Free Zone). Таму, во слободната временска зона Sommarøy, велат, тие уживаат во секоја минута од полноќното сонце, и да, кафе со пријателите на плажа во време што градските луѓе го викаат „2 наутро“ е сосема нормална работа, исто како што е и бојадисувањето на фасадата или косење на тревата во дворот и во 4 часот по полноќ.
Кон крајот на март Европскиот парламент изгласа укинување на летното сметање на времето, односно на праксата на поместување на стрелките на часовникот, со тоа што остави секоја членка да одлучи сама за себе. Ќе влезе во сила во април 2021 година. Истото ќе треба да го одлучи и Норвешка, но Гудмундсен вели дека земјата треба да ја разгледа и „возбудливата“ трета опција за слободна временска зона, каква што бара островот.
Доколку иницијативата на Sommarøy успее, со тоа само ќе се официјализира она што тие таму го практикуваат со генерации. А дека се сериозни во тоа, ќе ви стане јасно уште на мостот на влезот во гратчето, каде на оградата се закачени рачни часовници (налик на „љубовните“ мостови со катанци), за да ви навестат дека влегувате во земја каде стрелките на часовникот немаат работа.