Епидемијата на коронавирусот во Норвешка е „под контрола“, изјави норвешкиот министер за здравство Bent Hoeie во понеделникот, посочувајќи на ниската стапка на пренос на болеста.
Лице кое го носи коронавирусот во Норвешка сега заразува, во просек, по 0.7 други лица, соопшти министерот на прес-конференцијата. Со тоа е исполнет планот на норвешката влада да го намали степенот на пренос под максимум едно лице по заразен.
„Пред да ги имплементираме строгите рестрикции, секое заразено лице во Норвешка инфицираше 2.5 други лица во просек. Ако дозволевме тоа да продолжи, сега веројатно ќе бевме во истата ситуација каква што гледаме во некои од земјите во Европа“, рече тој.
Норвешка пред три недели нареди итно затворање на многу јавни и приватни институции, вклучително и училишта и градинки, со што ѝ зададе шoк на економијата, што пак резултираше со стотици илјади отпуштања.
Во среда норвешката влада ќе одлучи дали ќе ги продолжи рестриктивните мерки и по средината на април. Сѐ уште не е јасно кои мерки ќе бидат укинати, ниту кога тоа ќе биде направено.
Локалните власти во главниот град Осло, како и во Трондхајм (трет најголем град во земјата) веќе изјавија дека нема да ги реотворат училиштата и старечките домови до средината на април, бидејќи им е потребно повеќе време да се подготват.
Според податоците од норвешкиот Институт за јавно здравје (FHI), заклучно со понеделник во земјата се регистрирани 5.755 потврдени случаи на Ковид-19, од кои „само“ 59 пoчинaти. Според проценките на Институтот, вкупно околу 14.000 во Норвешка го носат вирусот, односно 0.26% од вкупната популација.
„Тоа се добри вести. Покажуваат дека мерките имаа ефект. Но, не знаеме кои конкретни мерки“, рече Камила Столтенберг, директор на FHI.