Норвешка е „друга планета“ во однос на продадени електрични автомобили во 2019-та

Норвешка, споредена со останатите земји, веќе некое време важи за рај за електричните автомобили. Меѓутоа, податоците за оваа година се уште поневеројатни, но и покажуваат во која насока официјалната политика на Норвешка ја движи земјата.

Имено, според последните податоци на пазарот на нови автомобили, уделот на продадени автомобили со електричен погон, во првите шест месеци од 2019-та, се искачил на неверојатни 48.4%, односно, речиси секој втор купен автомобил во земјата е електричен.

За норвешкото „електрично чудо“ се зборуваше и лани, кога во истиот период од годината, уделот на продадени електрични автомобили беше 25%, односно секој четврти. До крајот на 2018-та, уделот на продадени електрични автомобили се зголеми уште повеќе, достигнувајќи 31.2% на годишно ниво, пренесува Reuters.

Судејќи по овие резултати, Норвешка е на одличен пат за релативно безболно да ги забрани бензинците и дизелашите некаде до половината на следната деценија.

Тоа, очекувано, не се должи само на високата еколошка свест на Норвежаните, туку и на официјалната политика на норвешките власти, без оглед што тие истовремено и продолжуваат да ја базираат економијата на производството на нафта и нафтените деривати. Имено, зборуваме за фактот што државата значително им ги намалува трошоците на купувачите на електрични автомобили, на повеќе индиректни и нешто подиректни начини, како намалени цени за паркинг, поевтина патарина, поевтин превоз со траект, но и даночни олеснувања при купувањето на електрични автомобили.

Во едно такво опкружување, не е чудно што Tesla е најпродаван авто-бренд во земјата. Со јунската продажба од 3.760 автомобили, Tesla контролира речиси четвртина од пазарот. Да, поскапите модели Tesla S и Tesla X губат на популарност, но во корист на Model 3. Чисто за напомена, во Норвешка електрични автомобили нудат и BMW, Nissan, Hyundai, Kia и Renault, а наскоро ќе им се придружат и Ford и Mercedes.

- Реклама -