Ти си ја мразиш работата, некој друг исто така си ја мрази работата, па се убедувате чија е полоша. Во меѓувреме, некој трет, таму некаде, работи нешто од следниве работи:
Собирач на слонски измет
Работно време од 9 до 18 часот. Одвај ти останува време во денот за нешто друго. И згора на тоа работата ти зависи од тоа колку е расположен дадениот слон да се олесни.
Собирач на коњска сперма
Полошо може да биде само ако го правите рачно. А и вака не е обична прошетка низ паркот, во случајов шталата. Пак сте вие тие што треба да ја држите „вештачката вагина“ за коњот да си го истера ќеифот.
Тестер на тејзери
За тестирање на пиштол со електро-шокови се потребни двајца. Да си тој што пука со тејзерот сигурно е изживувачки забавно. Ама да си тој што ги прима шоковите – тогаш е мазохистички досадно.
Хранител на крокодили
Го нарекуваат „готвач за крокодили“, ама очигледно е дека не готви во правата смисла на зборот. Наместо тоа, тој е повеќе како келнер, при што со самата храна ненамерно може и самиот да стане дел од вечерата.
Асистент на фрлач на ножеви
Ова отсекогаш ми изгледало како единственото нешто во што асистентот може да асистира, е во сопственото убиство. Знаеме како одат овие ствари, сите гледавме Касандра. Ако Ранду е станат на лева нога, може онака буљашки да те погоди демек несакајќи. Најлошо е ако работиш и во сабота, а фрлачот е мераклија по журкањето во петок.
Сумо асистент
Во работниот опис ти стои дека си задолжен за „местење на униформата на сумо борачите“. Во пракса, си играш со испотените јајца на 150-200 кила тежок батка во танга.
Чистач во забавен парк
За разлика од кај нас, во светот „забавен парк“ значи луди ролеркостери и други бесни реквизити кои те тераат на повраќање. Е тоа, повраќаното, некој треба да го чисти.