Нинисто: НАТО-членството на Финска не е насочено против никого, ние споровите ги решаваме по мирен пат

Пристапувањето на Финска во НАТО не е насочено против ниту една земја, порача претседателот на Финска, Саули Нинисто, во изјавата по повод приемот на земјата во НАТО.

„Членството на Финска во НАТО не е насочено против никого. Тоа не ги менува ниту основите или целите на надворешната и безбедносната политика на Финска“, потенцираше тој во изјавата објавена на Твитер.

Тој истакна дека Финска е стабилна и предвидлива нордиска земја која има тенденција да ги решава споровите по мирен пат.

„Принципите и вредностите кои се важни за Финска ќе продолжат да ја водат нашата надворешна политика и во иднина“, истакна Нинисто.

„Најзначајниот придонес на Финска за заедничкото одвраќање и одбрана на НАТО ќе биде во обезбедувањето и одбраната на нашата сопствена територија“, рече претседателот на Финска, набргу откако неговата земја официјално стана 31-та земја што се приклучи на алијансата.

Прочитајте и:  Кремљ: Членството на Украина во НАТО е „неприфатлива закана“ за Русија

Според него, претстои уште значителна „работа“ за да се координира одбраната на Финска како дел од заедничката одбрана на НАТО.

Нинисто посочи дека ќе продолжи блиската соработка за градење заедничка безбедност во целиот нордиски регион.

Претседателот на Финска додаде дека земјата интензивно ќе работи на обезбедување на членството на Шведска во НАТО.

„Членството на Финска не е целосно без членството на Шведска. Интензивно продолжува работата за што поскоро членство на Шведска“, наведе Нинисто во соопштението.

Финска и Шведска заеднички аплицираа за влез во НАТО по рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година.

Од постојните членки на НАТО, само уште Унгарија и Турција не ја ратификувале апликацијата на Шведска за членство.

МИА

- Реклама -