Нимиц: Не е крај на светот ако повремено ве наречат Северно Македонци

„Секако дека го увидовме проблемот“, вели Метју Нимиц, кој речиси 25 години беше медијатор меѓу Македонија и Грција, најпрво за Времената спогодба, а потоа и за надминување на спорот за името, во разговор за „Дојче веле“, зборувајќи за несаканата последица и сè почест проблем – фактот што многумина надвор од Македонија ја извлекуваат придавката северномакедонски од новото име на државата. Неретки се ситуации кога и граѓаните и јазикот се нарекуваат северномакедонски, особено во медиумите, истакнува „Дојче веле“.

„Секако дека го увидовме проблемот. Но и го решивме со Договорот така што луѓето се дефинираат како Македонци. Но името на државата е Северна Македонија, па логично е понекогаш да се користи и терминот ‘северномакедонци – северномакедонски’. Но етничкиот идентитет е македонски. Вие така се нарекувате.

Имате и Северна и Јужна Кореја, но луѓето се нарекуваат Корејци. Имињата на земјите се менуваат, но луѓето си ја задржуваат припадноста.”

На забелешката дека токму во примерот што го наведува се случува она од што многумина стравуваат во Северна Македонија, односно дека граѓаните на Северна Кореја однадвор се нарекуваат севернокорејци, а оние од другата страна на границата – јужнокорејци, Нимиц вели:

„Но Корејците се нарекуваат себеси Корејци, и вие се нарекувате себеси Македонци. Можете да ги исправите луѓето и да ги научите да користат правилен термин. И ако ве нарекуваат Северно Македонци во некој контекст тоа не е крај на светот“, оценува Нимиц. Опсежното интервју, на еден куп интересни теми, прочитајте го на „Дојче веле“.

 

- Реклама -