Никс се прошетаа и низ Сан Антонио

Њујорк Никс продолжи со фантастичните резултати од стартот на сезонава, откако на гостувањето во Сан Антонио ја забележа шестата победа во низа.

Кошаркарите на Сан Антонио делуваа сигурно на патот да ја запрат оваа серија на Никси, но тимот од „големото јаболко“ одигра фуриозно во финишот од натпреварот. Имено, иако имаше негатива од 12 поени на седум минути до крајот, гостинот прикажа одлична игра во самата завршница и на крајот стигна до триумф од 100:104.

„Тоа е само доказ дека овој наш старт на сезоната не е случаен. Дојдовме овде, игравме против силен тим со одлични кошаркари, со фантастичен тренер и на крајот успеавме да дојдеме до победата. Мене ова ми е прва победа како тренер во Сан Антонио и слободно можам да кажам дека сум пресреќен“ истакна стратегот на Њујорк, Марк Вудсон.

Фелтон постигна 25 поени за Њујорк и ја надополни слабата шутерска вечер на Кармело Ентони, кој го заврши овој натпревар со скромни девет поени. На потребното ниво во таборот на никси беа и Смит со 17, Кид со 14 поени, како и Тајсон Чендлер, кој оствари дабл-дабл од 13 поени и 11 скокови.

- Реклама -