Во државата постојат институции кои вистински се борат за примена на законите и се посветени на искрена борба против криминалот и корупцијата, истакна генералниот секретар на СДСМ – Љупчо Николовски, во гостување во Дневникот на ТВ „Сител“.
„Поставувањето на вицепремиер за борба против корупција испраќа порака дека СДСМ отвора силен фронт, неселективен, со важење на законот за сите и никој не може да смета на партиска поддршка ако прекршил закон“, порача Николовски.
Тој повика на одговорно однесување на сите функционери.
„Мојата улога како вицепремиер е да ги координирам институциите во борбата против корупција. Ќе го промениме начинот на делување, ќе го смениме кодексот, мораме поинаку да се однесуваме сите кои имаме одговорни функции. Ова ни треба за цело општество. Влеговме во тој процес и ќе опстоиме, законот мора да важи за сите, до последен“, категоричен е Николовски.