Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска во Прилеп објави три значајни инфраструктурни проекти за долгорочен развој на општината. Во моментов активно се гради автопатот Прилеп – Битола, а исто така се започнува процедура за изградба на нов автопат од Фариш до Прилеп. Во соработка со општината, веќе се работи на планот за изградба на обиколница, истакна Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со интензитет и очекувам оваа година да бидат поставени првите километри асфалт. Исто така, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се изграти обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во него — нешто што долго се најавува. Тој е прв кој е решен да реализира ваква програма, и ние како Влада ветуваме целосно финансирање на овој проект, кој ќе биде реализиран во рамките на неговиот мандат.“
„Покрај тоа, во тек сме со интензивни преговори и сметам дека во наредниот месец до месец и пол, ќе видите активност во Собранието за автопатското решение од Фариш до Прилеп. На тој начин, Прилеп ќе биде поврзан со автопат од двете страни“, додаде вицепремиерот Николоски.
На одбележувањето на 100 дена од локалната власт во Прилеп, Николоски нагласи дека Владата нуди сериозна поддршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Ми претставува задоволство што му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Резултатите се видливи во сите делови на градот. Овој краток период од 100 дена покажува потенцијалот за развој на општината во следните четири години, и верувам дека ова ќе биде исклучително успешен мандат. Ние како Влада продолжуваме да ја поддржуваме општината, било преку директни средства од буџетот за инфраструктурни проекти, или поддршка за стопанството и земјоделието. Сите обврски што ги имаме ќе се реализираат на најдобар можен начин“, изјави вицепремиерот Николоски.




