Николоски со обвинувања за Филипче, тој најави тужба за клевета

Носителот на кандидатската листа за пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Четвртата изборна единица Александар Николоски го обвини носителот на пратеничката листа на коалицијата на СДСМ Венко Филипче во истата изборна единица дека има хациенда на Водно и ауди од 250 илјади евра по што Филипче најави тужба.

Николоски од Новаци упати прашање до Филипче дали со докторска или министерска плата се купува ауди од 250 илјади евра и хациенда на Водно.

– Следна работа со докторска или со министерска плата не се купува ауди Q8 RS, не знам да го кажам точно како се вика, од 250 илјади евра како што вози Венко Филипче, и од докторска или со министерска плата не се гради хациенда на Водно која ексклузивно ќе ја покажам вечерва тука во Новаци, мислам дека е чесно Стево Пендаровски да одговори како се гради оваа хациенда на Водно, рече Николоски.

Говорејќи за претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ Стево Пендаровски, Николоски рече дека Пендаровски важи за најголем озборувач кај политичарите и дека во неговите озборувања обожава да озборува за најблиските околу него, а еден од најозборуваните е Филипче.

На ова денеска преку социјалните медиуми реагираше Филипче кој најави тужба за Николоски. Како што пишува Филипче во објавата на „Фејсбук“, Николоски со навреди се обидува да добие политички пеони. 

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

– Политичката култура на Александар Николоски падна на најниско ниво, но не сум изненаден од речникот. Сепак, морам да признаам дека не очекував Николоски да прерасне во кафански озборувач. Ваквото озборување упатува на целосно отсуство на идеи и концепт во оваа кампања, па Николовски со навреди се обидува да добие политички поени. Исто така, загрижувачки е што Николовски изјави дека работел од свои 14 години сакајќи да го оправда фактот што нема ниту ден стаж во реален сектор. На 14 години можеби единствено што можел да работи е лепење плакати, пишува Филипче.

Во однос на обвинувањата за хациенда на Водно, Филипче посочува дека Антикорупциската комисија одамна има одлука дека тој не поседува ваков објект.

– Што се однесува до сите лаги пласирани за наводна моја хациенда на Водно за која ДКСК има одамна одлука дека не ја поседувам, ќе добие соодветна тужба. Тужба ќе добие и за другите клевети кои ги изрече, најавува Филипче. 

- Реклама -