„Денес во Македонија се погази демократијата. Денес во Македонија беше киднапиран пратеник, денес во Македонија видовме како режимот на власт се трансформира во најкриминоген режим воопшто виден на просторот на Европа“, изјави пред Собранието потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, пред пратениците од опозицијата да си заминат откако не дојдоа до кворум за воопшто официјално да започне седницата за гласање недоверба на владата.
На пратеникот Кастриот Реџепи тој му посака сѐ најдобро и изрази надеж дека „за брзо ќе биде ослободен“, а на неговите наводни киднапери им порача порано да го пуштат, бидејќи „нема потреба да го држат човекот до полноќ“.
Прашан дали имаат некакви докази за ваквите обвинувања, Николоски рече дека треба да се изјасни полицијата, посочувајќи дека Беса го пријавила својот пратеник и неговото семејство за исчезнати. Во однос на видеото на Реџепи, Николоски рече дека не се убедени од она што изјавил.
„Не сме сигурни во она што го кажуваше пратеникот, многу е сомнително. Доколку навистина пратеникот имаше став дека владата треба да остане, ќе беше најлогично да дојде во Собранието и да гласа за владата да остане. Но, да се крие цел ден, да не може никој од неговото семејство да го добие, да му бидат исклучени телефоните, па мистично да се појави статус на Фејсбук, па кога целата држава почна да зборува мистично да се појави некое видео каде што позади има бел ѕид, човекот е блед и изгледа како што изгледа, видовте сите, е сѐ само не демократија“, изјави Николоски.
На дополнително новинарско прашање дали опозицијата има докази за тврдењата за киднапирање, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот.
„Ние да имаме докази, од опозиција?“, праша тој иронично. „Мислам дека власта и МВР се тие кои што треба да ги извадат доказите, затоа што човекот очигледно физички не е тука, се појавува со едно видео од телефон, бел ѕид позади него, блед, испиен, со подочњаци, неспиен… Така што, мислам дека власта треба да одговори на овие прашања, а кога ние ќе сме власт, ќе имате одговори на сите прашања“, рече Николоски.
Прашан дали би имале доверба во таква истрага на МВР, тој призна дека веројатно не, притоа посочувајќи дека од тие причини наскоро ќе дојде до промена на власта.