Николоски: Ако добро сработиме со Франција, нашите аргументи за уставни измени со одложено дејство можат лесно да бидат примени во ЕУ

За него, најзначајната средба што ја остварил премиерот Христијан Мицкоски е онаа со претседателот на Франција, Емануел Макрон, оти смета дека сега Франција е играч број еден во Европската Унија

Ако успееме да сработиме добро со Франција и со уште неколку земји од Западна Европа, нашите аргументи може лесно да бидат примени. Ова вечерва го рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување во Дневникот на ТВ Сител, коментирајќи го прашањето од колку држави членки на Европската Унија можеме да очекуваме поддршка за позицијата уставни измени со одложено дејство.

Од гостувањето на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на ТВ Сител / Фото: Принтскрин

Смета дека е поважно државата да ги промовира своите позиции пред оние земји што се главни играчи во Европската Унија.

„Побитен е квалитетот на држави со кои имаме средби, отколку нивната бројка“,

рече вицепремиерот.

За него, најзначајната средба што ја остварил премиерот Христијан Мицкоски е онаа со претседателот на Франција, Емануел Макрон, оти смета дека сега Франција е играч број еден во Европската Унија.

„Информиран сум дека средбата поминала во еден исклучително добар тон. Макрон е несомнено лидер во ЕУ со најголем легитимитет, оствари чиста победа на претседателските избори. Германија допрва влегува во изборен процес. Веројатно таму ќе има промени“,

вели тој.

Посочи дека стои на тезата дека доколку Европската Унија сака Македонија да почне преговори, Македонија ќе почне преговори, но и дека ние немаме проблем со најсилната земја членка на ЕУ, туку со најслабата или втората најслаба членка на ЕУ.

„Убеден сум дека еден дипломатски тешкаш од Западна Европа со еден претпладне или едно попладне во Софија, ќе го реши проблемот“,

кажа Николоски.

Околу разговорите со претставниците на Бугарија, Николоски посочи дека ќе чекаат во Софија да се формира стабилна влада со која ќе можат да разговараат за сите отворени прашања.

„Веројатно во март ќе имаат повторно избори. Но, тоа е одлука на граѓаните на Бугарија. Ние можеме само да ја следиме состојбата. Не можеме ништо да направиме. Не е пријатно да имате сосед кој четврта година по ред не може да избере влада“,

рече вицепремиерот.

- Реклама -