Настрана етичките дилеми што ги подразбира таквата професија; во јавната перцепција, во голем дел наметната од акционите филмови, на тајните агенти секогаш се гледа како на опасни и те како фраерски фаци. Текстов и видеово имаат потенцијал тоа да го променат. Причината веројатно веќе ви е јасна.
Имено, меѓу интересните нешта што можете да ги најдете во Вашингтон е и Меѓународниот музеј на шпионажа (International Spy Museum). Меѓу експонатите е и таканаречениот „rectal tool kit“ – компактна цилиндрична капсула полна со алатки кои кога е најгусто можат да им послужат на агентите за бегство или разни диверзии. Гаџетот бил наменет за оперативците на ЦИА во пикот на Студената војна, објаснува кураторот на музејот – Винс Хоутон. Сетот вклучува дупчалки, пили и ножеви…
„Кога гледам во ректалниот сет, гледам одличен пример на решавање на проблеми во светот на разузнавањето“, вели Хоутон. „Морал да биде направен од материјали кои нема да се оштетат или да формираат остри рабови кои можат да го повредат корисникот. Дополнително, морал добро да се затвора, за ништо да не може да влезе или да излезе од капсулата“.
Според него, во сетот се содржани сите потребни алатки за да можете да избегате од затворска ќелија. Или со други зборови, овие пар алатки се доволни за да избегате од затворска ќелија. А ако сте заробен агент на ЦИА, тоа веројатно ќе ви го спаси животот. А во таква ситуација, капсулава наменета за таму „каде што сонцето не сјае“, звучи како разумна цена што вреди да ја платите. Или, сепак не?