Нетанјаху: Ветуваме дека Холокаустот никогаш повеќе нема да му се повтори на нашиот народ

„Ветуваме дека тоа никогаш повеќе нема да му се повтори на нашиот народ“, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, кога им се оддава почест на сите убиени од нацистите и нивните соработници, на денот на ослободувањето на логорот на смртта Аушвиц пред 78 години.

„Разликата сега е во тоа што еврејскиот народ ја има државата Израел. Израел се штити себеси. Ние сме силна и енергична нација и изградивме силна држава која нема да дозволи нашите непријатели да нанесат голема болка, страдање и катастрофална загуба што нашиот народ го доживеа за време на Холокаустот“, се додава во изјавата на лидерот на Израел.

Тој изјави дека има „такви кои сѐ уште повикуваат на уништување“ на Израел, но таа земја никогаш нема да дозволи „заканите на тираните да го заплашат“.

„Непријателот знае дека доколку е потребно, Израел може и ќе се брани сам и нема да му дозволи на непријателот да биде во можност да го спроведе својот убиствен план иако настојува да го развие најсмртоносното оружје“, рече Нетанјаху и најави дека еврејската држава тоа ќе го спречи.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

„Ние не забораваме, ниту им простуваме на злите луѓе кои го негираат Холокаустот, на кои еден Холокауст не им беше доволен“, рече премиерот на Израел, ветувајќи дека Израелците ќе останат будни, силни и никогаш нема да дозволат да се случи повторно Холокаустот, во текот на кој нацистите и нивните соработници во Втората светска војна убија шест милиони Евреи.

Во Израел годинава Денот на сеќавање на Холокаустот посебно ќе биде одбележан на 17 и 18 април.

Според податоците од 2022 година, во Израел имало 161.400 преживеани од Холокаустот со просечна возраст од 85,5 години и 1.000 постари од 100 години. Статистички гледано, секој ден умираат по околу 40 лица кои го преживеале Холокаустот.

МИА

- Реклама -