Нетанјаху: Иран направи голема грешка и ќе плати за тоа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека нападот на Иран врз неговата земја не успеал и вети дека ќе возврати.

Иран вчера истрела околу 200 балистички ракети кон Израел како одмазда за израелската кампања против сојузниците на Техеран Хезболах во Либан.

-Иран направи голема грешка вечерва – и тие ќе платат за тоа, рече Нетанјаху на почетокот на состанокот на политичко-безбедносниот врв на земјата.

„Режимот во Иран не ја разбира нашата решеност да се браниме и нашата решеност да возвратиме на нашите непријатели“, додаде тох.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари изјави дека Израел ќе избере како и кога ќе одговори на вечерашниот ирански напад.

Хагари рече дека има „мал број на удари“ од 180 балистички проектили истрелани кон Израел, објави „Тајмс оф Израел“.

-„Повеќето од ракетите беа пресретнати од Израел и одбранбената коалиција предводена од САД, посочи тој.

Прочитајте и:  Амал Клуни со важна улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

Од друга страна, иранската Револуционерна гарда соопшти дека 90 отсто од ракетите што Иран ги лансираше кон Израел успешно ги погодија нивните цели.

Иранските вооружени сили соопштија дека ќе ги гаѓаат „базите и интересите“ на поддржувачите на Израел во регионот, доколку директно интервенираат против Техеран, додавајќи дека секој одговор на Израел на неговиот ракетен напад ќе биде дочекан со „големо уништување“ на израелската инфраструктура.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека во тек се разговори меѓу американските и израелските претставници за тоа како треба да изгледа израелскиот одговор на ракетниот напад од Иран.

Бајден повтори дека Вашингтон „целосно го поддржува“ Израел по нападот од Иран и ги повика сите народи во светот да им се придружат во осудата на иранскиот напад.

- Реклама -