Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека ги информирал САД дека се противи на формирање палестинска држава во секое повоено сценарио.
САД претходно го повикаа Израел да ги намали размерите на својата офанзива и посочија дека формирањето на палестинска држава треба да биде дел од планот за „денот потоа“.
На националната прес-конференција Нетанјаху денеска вети дека ќе ја продолжи офанзивата додека Израел не постигне „решавачка победа над Хамас“.
Тој, исто така, ја отфрли идејата за палестинска државност и рече дека им ги пренел своите ставови на Американците.
– Во секој иден договор, на Израел му е потребна безбедносна контрола на целата територија западно од Јордан, порача Нетанјаху на прес-конференцијата.
Според него, тоа е во спротивност со идејата за суверенитет.
– Што можете да направите? Премиер треба да е способен да им каже „не“ на нашите пријатели, нагласи тој.
МИА