Несудениот монах пратен од небото да стане помошник тренер и да ги чува децата во пештерата

Кога првпат се расчу за веста за заглавените деца во пештерата во Тајланд, на многумина првата мисла им беше во рамките на „па што мајка барал тренерот да ги носи децата во пештера во сезона на монсуни!“… Тој став и во моментов го делат многу од луѓето во Тајланд. „Тренерот требало да биде свесен за ризикот. Требало да претпостави“.

Но, од друга страна, исто така многу од Тајланѓаните, веројатно и многу повеќе од овие споменатите, сметаат дека човекот е испратен од натприродна сила токму за да ги заштити децата додека минуваат низ оваа ужасна „авантура“. Во тоа веројатно има удел неговата животна приказна.

Имено, Екапол Чантавонг – кој е заглавен со децата во пештерата, е всушност асистент на главниот тренер на фудбалскиот тим (Нопарат Кантавонг, 37), кој утрото на 23 јуни имал состанок. Тоа утро, задачата да се грижи за децата и да ги однесе на фудбалското игралиште сместено на планина, му ја препуштил на својот помлад асистент.

Екапол пораснал како сираче. Ги изгубил родителите на 10 години и живеел со баба му, раскажуваат неговите пријатели. До пред три години, пред да се приклучи на тимот како помошен тренер, Екапол сакал да стане монах, но морал да го напушти манастирот за да се грижи за својата болна баба.

„Да не беше со нив, кој знае што ќе се случеше со моето дете?“, прашува една од мајките на децата заглавени во пештерата.

Официјалните информации откриваат добар дел од одговорот на тоа прашање.

Екапол е меѓу најслабите во групата; на момчињата им ја дели целата храна, и задржува сосема малку од својот дел. Во сите овие денови додека се заглавени во пештерата, тој ги учел децата и како да медитираат, со цел да ја зачуваат својата енергија и да издржат до моментот кога ќе бидат најдени и спасени.

Тој е човек што не пие и не пуши. Се грижи за себе и ги учи и децата да го прават истото, вели негов долгогодишен пријател. Децата му се љубов, особено овие од фудбалскиот тим, затоа што и повеќето од нив растат во сиромаштија и обесправени, како што растел тој. Со други зборови, во нив се гледа себеси.

Но и во тренерските води Екапол е вонсериски. Освен во фудбалската стратегија, тој му помага на Нопарат – главниот тренер, и во осмислувањето на систем со кој страста која децата ја имаат кон фудбалот ќе ја искористат и за да ги мотивираат на академско поле. Луѓето што ги познаваат велат дека секогаш кога децата добиваат добри оценки во училиште, овие двајца ги наградуваат со фудбалска опрема. Со тоа сакаат да ги научат децата на најважната лекција, која е многу повеќе од фудбалска: дека можат многу да постигнат, па и да станат професионални спортисти.

Во меѓувреме, Екапол од петни жили се труди тоа да успее, па и кога ја нема помошта од родителите. Тој ги носи децата на тренинг, а тој е и човекот што ги враќа децата од тренинг, секогаш кога родителите не можат да ги земат. Се грижи за децата како да се негови, и тоа го прави со одговорност што некогаш ја надминува и таа најголемата – родителската.

Па ете, сега е појасно зошто го сметаат за пратен од виша сила, нели? Што ќе се случеше без него, не сакаме ни да помислиме. Важното е дека од сите кандидати со кои група деца би посакале да бидат заглавени во пештера, им се паднал, се чини, најдобриот.

via НОВА МАКЕДОНИЈА

- Реклама -