Русија ќе прифаќа плаќања за извезениот руски гас за „непријателските земји“ (меѓу кои и сите членки на ЕУ) само ако се во рубљи, соопшти денеска рускиот претседател Владимир Путин, во ТВ преносот во живо од владината средба посветена на санкциите без преседан со кои земјата се соочи поради инвазијата над Украина.
„Одлучив да воведам – во најкраток можен рок – пакет мерки за плаќањата… ќе почнеме со тоа… за испораките на нашиот природен гас до таканаречените ‘непријателски’ земји, да бидат во рубљи“, рече Путин.
Целта, како што истакна, е да се спречат трансакции со „сите компромитирани валути“, откако „нелегитимните одлуки“ на големиот број западни земји за замрзнување на средствата на Русија, како што рече, „ја уништиле сета доверба во нивните валути“.
„Нема смисла да ги испорачуваме нашите стоки/ресурси до ЕУ и САД и да ни биде плаќано во долари и евра“, додаде Путин.
Рускиот претседател, на руската Централна банка и на руската влада, им даде рок од една недела за да ја утврдат процедурата за операции за купување рубљи на домашниот пазар за увозниците.
Тој додаде дека Русија ќе продолжи да испорачува гас во други земји во согласност со обемот и цените утврдени во претходно склучените договори.