Иако облеката во јаки неонски бои секое лето е ин, годинава неонските парчиња се поголеми и посмели. Жешката розова, електричната жолта и бојата на мента доминираа на светските модни писти и се задолжителни за претстојната летна сезона.
Доколку досега не сте експериментирале со неонските бои, наједноставен прв чекор е да го вметнете овој тренд во вашиот изглед преку модните додатоци. Изберете шик чевли во јака боја, или комбинирајте доминантен накит, впечатлива чанта или колан во розова, жолта, зелена или сина боја.
Ако, пак, се одлучите за похрабар чекор со фустан или здолниште во неонски стил, не заборавајте дека најдобро е да се комбинира со неутрални парчиња. Јаките бои се навистина шик во летната сезона, но никако не носете ги сите во една комбинација!
Исто така, не е неопходно неонското парче облека да доминира во вашиот секојдневен изглед. Акцентот на комбинацијата многу лесно може да го ставите на другите понеутрални парчиња. Носете маичка во смела боја, еднобојно здолниште и тексасен елек. Овој изглед е соодветен за дневните прилики, затоа што ќе изгледате модерно и ненападно во исто време.