Необичниот социјален експеримент на Њујорк заврши во канта

Поради премногу ѓубре (и веројатно скапото чистење), еден од најголемите и веројатно најнечисти метро-системи во светот – њујоршкиот, се обиде проблемот да го реши со необичен експеримент. Следејќи ја логиката на теоријата дека ако ги тргнете сите сообраќајни сигнализации возачите ќе возат многу повнимателно, њујоршкото метро ги отстрани кантите за отпадоци од 39 (од над 400) метро станици, надевајќи се дека тоа ќе ги натера луѓето да го фрлаат отпадот во кантите/контејнерите низ градот, а не да го чуваат за во кантите на метрото. Се разбира, официјалните лица исто така се надеваа дека со самото отсуство на кантите, дури  и луѓето кои веќе внеле отпад, ќе го зачуваат за подоцна и за некоја друга локација.

Звучи логично, ама експериментот заврши уште пологично – Њујорчани фрлаа пластични шишиња, хартиени чаши и мрсни тацни, кеси и сл. на платформата и шините. Тоа пак, е докажан, и во примеров, магнет за одвратните стаорци.

Па така, по неколку години, управата на метрото – МТА, конечно реши сепак да ги врати кантите.

„Ни требаа пет години, ама задоволни сме што ја утврдивме потребата да го прекинеме тој контроверзен експеримент, кој донесе мало или никакво подобрување во однесувањето на патниците“, рече претставникот на МТА Томас ДиНаполи.

Не страдаше само метрото од отсуството на кантите. Градот се соочи и со неколку тужби од трговци и станари во близина на влезовите на метро-станиците, бидејќи патниците им ги натрупуваат кантите и контејнерите, бидејќи немаат каде да фрлат ѓубре во самото метро.

Неуспехот на експериментот веројатно се должи на темпото на њујоршкиот живот, особено на потрошувачката култура и културата на користење на предмети за еднократна употреба. На улица во Њујорк, пешаците ретко имаат потреба да направат повеќе од неколку чекори до најблиската канта. Бидејќи главно се пешаци, сé што им е потребно носат со себе или го купуваат додека одат. Ама Њујорчани се и табиетлии; Кога ќе им ги земете кантите, на пример, немаат дилема дали своите интереси да ги стават пред интересите на јавната чистота.

Ни кантите не се гаранција. Решението е троа покомплексно, ама и најлогичното.

Како и да е, експериментот на МТА и обидот да заштеди пропаднаа. На крајот се вратија на традиционалното решение: кога имаш 40 тони ѓубре дневно во подземна железница, едноставно ставаш доволно канти и чистиш – интензивно. Овој пат МТА покрена баш таква интензивна програма – за чистење на 90 станици за две недели, што е трипати побрзо/повеќе од претходно. Се тестираат и преносни вшмукувачи, како и посебни вагони за брзо празнење на кантите. Агенцијата вели дека интензивното чистење веќе дава резултат – бројот на пожари на подземните шини е намален за 41%.

- Реклама -