Експремиерот и азилант во Унгарија – Никола Груевски, ги демантира шпекулациите изнесени во разговорот меѓу Александар Верушевски и Зоран Заев кој се водел во 2016-та година, а неодамна го објави новинарот Зоран Божиновски (познат по „Буревесник“).
Груевски, во телефонски разговор за „Инфомакс“ директно од Будимпешта, вели дека не знае и не верува дека некој од неговите соработници бил хомосексуалец, бисексуалец, се дрогирал, бил педофил и слично, како што се сугерира во разговорот меѓу Заев и Верушевски. За таквите обвинувања на негова сметка, Груевски вели дека ништо од тоа не е вистина и такво нешто не постои, а доколку било кој тврди дека поседува таква снимка, слободно може да ја објави веднаш.
Имено, околу 15-тата минута во објавениот разговор, Заев вели:
„Шејшели, Мејшели, ќе си е*ат мајката! Зошто? Заради инспекциите. Кој го сопре претходно, ти кажа Сашо кој го сопре? ‘Сејшели’ да не излегува, ‘Тркалото’, другите видеа… Внатре има шмрка дрога бе, човек! И сѐ внатре, ебем ти… Не може да се заебаваат они така! Значи ми се јавува дента Столе… го знаеш Столе… замолува човекот да го спречам да излегува видеото. Викам дај ми 24 саата, оти веќе беше организирано сѐ. Јас знам што сум правел со новинари за да спречам. Спречив, не поминаа три дена, инспекциите сите“, му се жали тогаш опозиционерот и градоначалник на Струмица – Заев, на Верушевски, за инспекциите кои му ги испраќа ВМРО-ДПМНЕ за да му прави притисок. Во друг дел од разговорот, Заев повторно го споменува наводното видео од Сејшели, при што потенцира дека му се гади од она што го видел во него, а притоа користи и изрази како „унга бунга“ и „црнци“.
ТВ Сејшели pic.twitter.com/wHyRxh0bt7
— Seir MK (@Seir_mk) January 19, 2021
Дека во ВМРО-ДПМНЕ имало педофили, а дека Груевски е бисексуалец, инаку, се тврдења кои во разговорот ги изнесува Верушевски.
Сепак, како и Груевски, така и неговата сопруга Боркица, во разговор со „Инфомакс“, демантира дека било што од ова е вистина. Според неа, сѐ се тоа лаги и црна кампања против Никола, од кои била згрозена и тогаш и сега, вклучително и за гласините за нивниот приватен живот (дека Груевски наводно ја тепал).
Груевски, пак, за „Инфомакс“ вели дека и во минатото се обидувале да го дискредитираат на личен план, со пуштање на вакви и слични гласини, заедно со тие поврзани за бракот, но и обиди за креирање афери со жени со кои го фотографирале на улица или на некој настан.
„Очигледно колку повеќе имате подршка од народот, толку повеќе треба да очекувате удари под појасот кога сте во висока политика“, рекол Груевски, додавајќи дека иако подолго време е излезен од политиката и е речиси целосно политички неактивен, некои политичари во Македонија сѐ уште се плашат од него и на дневна основа тие и ним блиските медиуми се занимаваат со смислување лаги и афери за него, тргнувајки од разни лажни и монтирани обвиненија на обвинителството во судот – па до ваков вид муабети на кои, според него, заедничка цел им е негова дискредитација во очите на граѓаните.
Истовремено, Груевски во разговорот открива дека веќе му е здосадено постојано да демантира, затоа што секој ден некој го обвинува со некаква лага. Таквите веќе не ги ни демантира или мошне ретко го прави тоа, сметајки на тоа дека граѓаните низ неговата работа и делување имале доволно време да го запознаат и да изградат мислење за него и неговите активности и резултати во политиката и како премиер и претходно како министер и член на парламентот.
Инаку, според „Инфомакс“, фамозната снимка од Сејшелите која се споменува во разговорот веќе била објавена. Видеото, заедно со целиот текст, ќе ги најдете ТУКА.
Во двочасовниот разговор на Верушевски и Заев, пак, покрај повремените сочни пикантерии, Верушевски главно, со сета своја улична школа и мудрост, како човек што „никад, па ни тогаш, не би го предал“ Мијалков (како што самиот вели), се обидува да го убеди Заев на „помирување“, односно да не продолжи со објавување на другите „бомби“. Заев прво е резервиран, а потоа се чини се согласува, под услов да престанат инспекциите. Тоа, впрочем, беше објавено во една од предизборните „бомби“ лани, непосредно пред парламентарните избори. По таа бомба, Мијалков демантираше дека некогаш преговарал со Заев. Заев, пак, сѐ уште не ја преслушал новата снимка.