Со приклучувањето на ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ е исправена грешка која што била направена при преструктуирањето на вертикално интегрираното претпријатие Еелектро стопанство на Македонија (ЕСМ) во 2004 година, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски и вели дека нема пазарна логика да се продава АД ЕСМ.
-Сите производни капацитети на тогашната ЕСМ припаднаа во новоформираната компанија ЕЛЕМ, единствено остана ТЕЦ Неготино надвор од целта прикаска. Тоа најверојатно тогаш е направено за ТЕЦ Неготино, бидејќи беше предмет на продажба, имаше еден обид во 2006, имаше еден обид и во 2008 година. Сега вака е многу поправилно затоа што сите производни единици се внатре во рамките на ЕЛЕМ така што ова е во насока на зголемување на ефикасноста на работењето на АД ЕСМ, особено на ТЕЦ Неготино затоа што иако тоа не е драматичен трошок сега повеќе ќе нема Управен одбор, ќе нема Надзорен одбор исто така и одредени други трошоци коишто биле поврзани со самото работење на ТЕЦ Неготино ќе ги нема, рече Бислимоски прашан за коментар дали приклучувањето на ТЕЦ Неготино е за да се зголеми продажната цена на ЕСМ.
Според него, нема пазарна логика да се приватизира АД ЕСМ.
-Не верувам дека воопшто некој странски инвеститор би бил заинтересиран да го купи ТЕЦ Неготино или термоелектрана во Битола во услови кога трошоците за производство на електрична енергија се високи и имаме цени коишто се повисоки од пазарните. Не верувам дека некој странски инвеститор би сакал да купи термоелектрани коишто се при крај на животниот тек или, пак, термоелектрана на мазут која што очигледно во изминативе 40 години работела најмногу една година во тој цел изминат период. Така што, нема пазарна логика да би се случило тоа, рече Бислимоски.