Нема напредок во судството, корупцијата останува распространета и загрижувачка – оценува ЕК во Извештајот за Македонија за 2023-та

Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава за 2023 година оценува дека нема напредок во делот на судството во текот на извештајниот период и дека судскиот систем на државава е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовеност.

Во делот за судскиот систем, во Извештајот се посочува дека Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание.

„Контроверзното разрешување на претседателот на Судскиот совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание. Доцни усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството, чија цел е подобрување на работата на институциите. Напредокот во спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството беше ограничен. Недостигот на мерки за справување со влијанието на најавените пензионирања влијаеше на ефикасноста. Повеќето унапредувања за повисоките судови се соочија со дополнителни одложувања. Продолжи работата на надградба на автоматизираниот информациски систем за управување со судски предмети за случајна распределба на предметите во судовите. Сличен систем беше воведен и во Јавното обвинителство“, се посочува во Извештајот на ЕК.

Препораките на Комисијата од минатата година не се имплементирани и остануваат, а земјата во следнава година треба особено да работи на:

→ да се заврши имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството и ажурираниот акциски план, со специфичен фокус на донесување нов Закон за парнична постапка, усогласен со европските стандарди и да се подготви новата стратегија за реформи во судството (2023-2027) без одлагање;

→ ревидирање на законодавната рамка и целокупното функционирање на Судскиот совет за да се зајакне неговата транспарентност и независност и да се забрза имплементацијата на стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството;

→ да се осигура дека АКМИС-от е целосно функционален и компатибилен со нивото на сложеност на судските предметите и начинот на оценување на судии и претседатели на судови.

Во делот на борбата против корупцијата, Европската комисија оценува дека не е постигнат напредок и дека земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка.

„Корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање. Се зголеми бројот на одложувања и враќање од почеток на судењата на случаите на корупција на високо ниво, што резултираше во некои случаи со застареност. Кривичниот законик е изменет по забрзана собраниска постапка. Максималните законски казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше импликации врз примената на застареноста и влијаеше, стопираше или дури прекина голем број случаи на корупција на високо ниво, вклучително и од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Амандманите, исто така, ја попречуваат способноста на властите да ги истражуваат и гонат таквите прекршоци. Ова е прашање на сериозна загриженост“, се посочува во Извештаjот.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во Извештајот на ЕК се препознава како проактивна во обезбедувањето на јавните институции со насоки за политики за спречување на корупцијата.

-Отвори неколку случаи, но треба да се следат нејзините препораки. Треба да продолжат напорите за подобрување на функционирањето на ДКСК, особено со доделување дополнителни средства за регрутирање на високо квалификуван кадар, стои во Извештајот.

Според Извештајот, дополнителни човечки и финансиски ресурси, исто така, треба да се стават на располагање на Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот задолжени за истрага на корупцијата, додека секторите кои се најранливи на корупција бараат насочени проценки на ризик и конкретни активности.

Препораките од минатата година не се целосно адресирани и остануваат, додека земјата во наредниот период треба особено да работи на:

→ подобрување на имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и конфликт на интереси и правилно спроведување на препораките на ГРЕКО;

→ да распредели доволно човечки и финансиски ресурси, вклучително и финансиски експерти, на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција за тоа да обезбеди ефективна одговорност во случаи на корупција на високо ниво;

→ да го подобри постапувањето во случаите со висока корупција – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонење, правосилни пресуди и отштета, вклучувајќи конфискација на криминални средства, конфискација базирана на вредност, продолжена конфискација и конфискација од трето лице.

Во делот на борбата против организираниот криминал, во Извештајот се оценува дека земјава има одредено ниво на подготовка и дека е постигнат одреден напредок во текот на извештајниот период.

„Земјата продолжува да има добро ниво на оперативна соработка со земјите-членки на ЕУ, соседните земји кои не се членки на ЕУ, Европол и Европравда. Нов Закон за перење пари и финансирање тероризам стапи на сила во јули 2022 година, додека законодавството за спроведување сега треба да се подготви и усвои навремено. Треба да се направи повеќе за да се подобри ефективноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал“, се посочува во Извештајот на ЕК.

Земјава, исто така, треба да ја усвои и спроведе потребната легислатива за регулирање на активноста на Канцеларијата за наплата на имот, додека капацитетот на Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал треба да се подобри.

„Координацијата останува клучна за сите чинители вклучени во борбата против организираниот криминал, вклучително и меѓу обвинителството и полицијата“, се вели во Извештајот на ЕК.

Во делот на борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, се оценува дека е постигнат одреден напредок, во согласност со целите утврдени во заедничкиот акционен план за борба против тероризмот за Западен Балкан и новиот билатерален аранжман за спроведување. Националните стратегии за борба против тероризмот (2023-2027) и спротивставување на насилниот екстремизам (2023-2027) беа усвоени во мај 2023 година, заедно со поврзаните акциони планови.

Земјава, се посочува е на една од главните транзитни рути за миграциско движење и земјата продолжува да игра активна улога во управувањето со мешаните миграциски текови.

„Продолжија напорите за обезбедување основни услови за живот и услуги за сите мигранти во земјата. Меѓутоа, постои потреба од зајакнување на институционалните и административните капацитети за сите аспекти на управувањето со миграцијата. Потребен е повеќе персонал и дополнителни материјално-технички ресурси за да се зголеми капацитетот на задоволително ниво“, се нагласува во Извештајот.

Според Извештајот на ЕК, потребна е систематска регистрација на мигрантите, заштитата од профилирање, да се воспостави соодветен систем за управување со нерегулираното движење и да престане со практиката на враќање на мигрантите надвор од законската рамка. Земјата, исто така, треба да го заврши и усвои планот за вонредни ситуации за управување со големи миграциски текови.

Во Извештаjот на ЕК, исто така, се посочува дека договорот за статус за оперативна соработка во управувањето со границите со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) стапи на сила на 1 април 2023 година, дозволувајќи отпочнување на заедничка операција со распоредување офицери од земјите-членки на ЕУ за обезбедување поддршка при граничната контрола и управување со нерегуларна миграција и прекуграничен криминал.

Извор: МИА

- Реклама -