Нема мирни 90 дена за Заев, опозицијата со 65 пратеници ќе побара недоверба на Владата – вели Мицкоски

Мафијашко-византиските игри и сплеткарања на Заев многу бргу ќе му се вратат како бумеранг, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во разговор со „Дојче веле“, ден откако премиерот по брза постапка побара и доби доверба на Владата од 62 пратеници, истите кои впрочем и ја изгласаа.

Мицкоски повторува дека граѓаните треба да се спокојни и дека наскоро доаѓа крајот на власта на Заев. Според него, вчерашниот потег на премиерот потврдил дека тој не е сигурен во своето мнозинство, но и дека во меѓувреме не дошло до негово зголемување.

Според членот 92 од Уставот, „Повторно прашање за доверба
на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници“. Со оглед дека вчера Заев покажа дека тој сѐ уште го има мнозинството во парламентот, оценивме, како и други медиуми, дека со изгласувањето доверба на Владата тој си купи три помирни месеци власт.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Мицкоски, меѓутоа, не се согласува со таквите оценки. Според него, Заев нема да има мир, затоа што следното прашање за доверба на Влада ќе го покренат токму мнозинство од пратениците.

„Што се однесува до тезата дека со ова си купил мирно владеење, вистината е дека си купил уште броени денови за Владата, која што е на стаклени нозе и на апарати за дишење. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со Ковид-19, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Прашањето за доверба наредно ќе го постави опозицијата, во моментот кога ќе осигура 65 пратеници кои ќе се потпишат“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за „Дојче веле“.  „Тоа ќе биде денот каде сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода. Оваа влада ќе падне. Првиот сериозен знак за тоа го видовме денес. Заев сам беше принуден да го стави прашањето за доверба. Наредниот пат тоа ќе го направиме ние”, додава Мицкоски.

- Реклама -