Скулпторката Нела Јанковска ја претставува Македонија на десеттото Пекиншко меѓународно уметничко биенале, кое ќе се одржи до 28 јануари во Пекиншкиот изложбен центар. Изложбата, со темата „Соживот“, вклучува околу 600 современи уметнички дела од приближно 120 земји и региони.
На настанот се организирани тематски изложби, специјални настани и изложби фокусирани на одредени земји, кои истражуваат теми како мирот и еколошката свест, со цел да ги раскажат приказните за Пекинг, Кина и светот. Прикажаните дела се не само традиционални форми на уметност, туку ги опфаќаат и дигиталната уметност и видеуметноста. Целта на биеналето е да се проучат нови концепти во уметничкото творештво, да се поттикне креативноста на уметниците и да се зголеми меѓународната дискусија и влијание на современата кинеска уметност.

Нела Јанковска се претставува со скулптурата „Метаверзум конекција“, изработена од отпадни материјали. Основата на скулптурата е изработена од метал, додека останатите делови се од пластика, видеолента (полипропилен), кабли и други електронски компоненти. Ова дело ја симболизира хармонијата помеѓу човекот и технологијата. Соочувањето со предизвикот од взаемниот однос човек – машина е клучно за нашата колективна инспирација. Во својата работа, Јанковска ја користи пластиката, видеолентите и разновидни пронајдени предмети, главно од отпад, како гума и пластика, претставувајќи ги производите на масовната култура и современото потрошувачко општество. Со своето делување таа укажува на светот во кој живееме, полн со информации, отпад и краткотрајни вредности.
Организацијата на пристигнувањето на делото на Јанковска беше професионално поддржана од Ѓорѓи Костовски, кустос-историчар во Градскиот музеј Крива Паланка.
Нела Јанковска е родена 1971 година во Крива Паланка. Во 1994 година дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, во класата на професорот Стефан Маневски. Од 1995 година е редовен член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Има повеќе од 30 години активно творечко искуство и учествувала на бројни групни изложби, колонии и реализирала неколку самостојни изложби. Добитник е на наградата за скулптура „Стефан Маневски“ која ја доделува Сојузот на ликовни педагози на Македонија (2005), наградата на ДЛУМ „Јордан Грабул“ (2008) и на годишната награда за скулптура на ДЛУМ (2023), за делото „Метаверзум-средба“, кое истражува концепти на виртуелни и проширени универзуми и комуникација помеѓу световите, како и хуманоидни форми.




