Уште едно лето и уште една нова битка со досадните мравки. Ланската ја добивте, ама војната никогаш нема да заврши. Освен ако се послужите со некоја од следниве итроштини:
1. Леплива трака: Запрете го походот на армијата мравки кон вашата кујна со двојно леплива трака, која обично служи за монтирање во домаќинството и фиксирање на разни предмети. Лоцирајте ја рутата на мравките и просторот кон кој се движат „оградете“ го со лепливата трака, преку која мравките едноставно нема да можат да поминат.
2. Борна киселина: Се продава во облик на прашак. Помешајте 3 лажици борна киселина и 3 лажици шеќер во 2 децилитра топла вода. Натопете парчиња памук/вата во оваа течност и ставете ги на местата каде што се собираат мравки. Шеќерот ќе ги привлече, а борната киселина ќе ги уништи.
3. Брашно: Мравките не го поднесуваат белото пченично брашно. Посипете брашно по рабовите на просторијата во која доаѓаат мравките. Уште едно брашно што ќе ги уништи досадните мравки е – пченкарното. Овој вид брашно мравките го носат назад во мравјалникот каде што го складираат и јадат, со тоа што нивниот систем не може да го свари, па порано или подоцна, ќе ги „потамани“.
4. Саксија за цвеќе: Ако имате рој мравки во дворот, едноставно ќе ги уништите со помош на обична саксија. Сместете една поголема саксија точно над мравјалникот, па низ дупките на дното на саксијата сипете 2 литра врела вода. Така ќе ги уништите мравките, но и нивното засолниште.
5. Цитрусни овошја: Не ви требаат опасни индустриски инсектициди за да се одбраните од мравките. Доволни се и лимоните и портокалите, чии мириси мравките не ги сакаат. Попрскајте ги праговите и прозорските рабови со лимонов сок. Исто така, со нивна помош можете и да го уништите нивното засолниште. Во блендер направете пире од кора од портокал и 1 шолја за кафе топла вода. Смесата истурете ја врз мравјалникот.
6. Бибер: Мравките во вашиот дом воглавно бараат шеќер. Вие изненадете ги со бибер. Местата на кои се собираат и каде што патуваат посипете ги со бибер, нешто што мравките ќе го протолкуваат како порака дека во близина нема шеќер.
7. Зачини: Мравките сакаат да патуваат кон дестинации што содржат и црвен пипер. Натерајте ги да се откажат од нивните намери така што во садот/кутијата во која го чувате црвениот пипер ќе ставите и еден ловоров лист. Сличен трик можете и да примените во садовите со шеќер, само што во тој случај ловоровиот лист можете и да го залепите на садот, во спротивно шеќерот ќе го поприми неговиот мирис. Исто така, во кујнските ормари ставете ќесички со жалфија, ловор или цимет – нивните мириси исто така ги одбиваат мравките.