Што би рекол Дерек Зулендер, „влажноста е есенцијата на животот“. Сакале или не, водата претставува 60% проценти од вашата телесна маса и игра клучна улога во нормалното функционирање на телото. А сепак, и покрај тоа што е толку важна, знаењето за хидратацијата ни е… на сомнително ниво. На пример, овие неколку митови одбиваат да умрат:
МИТ 1: Мора да пиете 8 чаши вода на ден
Ова речиси смешно правило настанато по безмалку слободна проценка ни го наметнуваат веќе долго време. А всушност, дел од научниците дури објавија и извештај во American Physiological Society за да го истакнат непостоењето на научни докази кои би ја потврдиле популарната теза.
Вистината е дека вашите лични потреби можат да изнесуваат и над 8 чаши, но и помалку од 8 чаши вода. Нема магичен број, а потребата се менува секојдневно, во зависност од вашата големина, маса, температурата на просторијата/околината, дневните активности и уште позначајно – храната.
Па, како знаете колку вода треба да пиете? Нашите предци, уште пред да постои науката, имале прилично добар метод за да ја утврдат потребната количина на вода. Всушност, толку бил ефикасен што постои и ден денес, а се вика – жед. Токму така, пијте вода кога и да сте жедни, би требало да работи.
МИТ 2: Ако си жеден, веќе си дехидрирал
Строго земено, точно е. Жедта генерално е предизвикана од намалувањето на количеството на вода во вашето тело. Но, не е така очајно како што обично звучи.
Нормалните нивоа на жед обично се појавуваат при 2-4% редукција на водата во телото. Освен ако немате проблеми со бубрезите, ова намалување обично можете да го толерирате, макар што е добар показател дека ви е потребна чаша вода.
Дехидрацијата станува проблем кога намалувањето на вода во телото надминува 5-8%. При оваа етапа веќе чувствувате вртоглавица и замор – состојби што се многу посериозни од обичната сува уста.
Принципот на пиење вода кога сте жедни важи и за кога вежбате. Сепак, ако заборавате на хидратацијата и често при крајот се чувствувате „исушени“, фино е да го следите следното правило: чаша вода на 10 до 20 минути тешка физичка активност – ова би требало да е доволно.
МИТ 3: Спортските пијалоци се најдбора опција после вежбање
Па, зависи. Спортските пијалоци се полни со електролити (солени јони) што му помагаат на телото да ги надокнади изгубените количини при потењето. Овие електролити се доста важни: клучни се за функцијата на нервите и помагаат да ја регулираат pH вредноста на крвта, меѓу другото. Сепак, пијалоците како Gatorade не се неопходни освен во екстремни ситуации, како после трчање на долг маратон или долго (со часови) планинарење на жешко сонце. Дури и тогаш, студено пиво е обично подобриот избор.
МИТ 4: Водата ги исфрла токсините од телото
Постои популарно мислење дека консумирањето на огромни количини на вода некако магично ќе ви помогне да ја исчистите внатрешноста на телото од сите гурмански гревови што сте ги направиле во текот на минатата недела. Не баш. Пиењето на адекватна количина на вода е предуслов за прецизна работа на метаболизмот, од што е дел и природната детоксификација на црниот дроб и бубрезите. Но, пиењето на повеќе вода од потребното може всушност да го попречи детоксификацискиот процес на телото. Ја редуцира концентрацијата на сол во крвта, а тоа може да ги оштети вашите бубрези и црн дроб и да ја попречи нивната нормална функција.