Лоцирана меѓу раката и торзото, мишката – наречена axilla, е еден од најважните делови на телото, особено во летните горештини, особено во градски автобус. Но исто така е и важен крстопат кој штити важни лимфни јазли и мекото ткиво околу нив. Микробиологот Алекс Березов од Американскиот совет за наука и здравје, ќе нé поднаучи по нешто ново за ова телесно ќоше кое редовно го негуваме (со бројни исклучоци, очигледно).
1. Како што рековме, ПАЗУВИТЕ СЕ ПОЛНИ СО ЛИМФНИ ЖЛЕЗДИ. Во празнината на мишката се сместени околу 20 лимфни чворови, во две групи/грутки. Обично не ги чувствуваме, освен ако се потечени. Едната група е поблиску до површината од другата. Овие лимфни јазли се важен дел од имуниот систем и служат за да ги исфилтрираме (излачиме) токсините од ткивото. Исто така произведуваат и широк дијапазон на имуни клетки (лимфоцити) при борба со инфекција, на пример. При некои видови на рак на дојка, овие лимфни јазли мораат да бидат хируршки отстранети.
2. МИШКИТЕ ПРОИЗВЕДУВААТ РАЗЛИЧНА ПОТ ОД ОСТАНАТИТЕ ДЕЛОВИ ОД ТЕЛОТО. Кожата има два типа на потни жлезди кои помагаат да се олади телото: екрини и апокрини жлезди. Екрините жлезди покриваат најголем дел од површината на нашето тело, и се одговорни за оној тенок слој од пот на челото и екстремитетите што се јавува при вежбање, на пример. Меѓутоа, мишките се полни со апокрини (мирисни) потни жлезди (кои исто така ги имате и меѓу нозете). Овие жлезди најмногу ги има во деловите од телото со најмногу влакна, и потта што ја лачат е погуста.
3. МИШКИТЕ НИ СЕ ПОЛНИ СО БАКТЕРИИ. Кожата е дом на многу различни видови на бактерии, од кои некои се прилично корисни – колективно познати како микробиом. Овој микробиом варира во зависност од делот од телото – па бактериите на раката можат значително да се разликуваат од тие во влажната, топла, темна средина на мишките.
„Поради маснотиите и лачењето на пот, мишката претставува поволен дом за многу разни видови бактерии“, вели Березов. „Споредено со другите делови од нашата кожа, мишките се густо населени. Не само тоа, но микробиомот во мишката варира од човек до човек“, објаснува микробиологот.
Така, во една студија врз 9 испитаници, се покажа дека има три различни типови на бактериски заедници. Тоа значи дека мишката на еден човек не мора да биде иста со мишката на друг.
4. НЕ Е ПОТТА ТАА ШТО СМРДИ. Не е секретот виновен што паѓаме во несвест од миризбата на мишките на некои од патниците во градскиот превоз. Бактериите се, бидејќи ги разградуваат соединенијата на потта до продукти што смрдат, вели Березов. Потта содржи моќни масни киселини и миризливи стероиди (меѓу другото), со чие разложување се добиваат тиоалкохоли. Токму овие тиоалкохоли се причината за специфичниот мирис сличен на месо и кромид што ги владее преполните автобуси во летните горештини.
5. НАУЧНИЦИТЕ РАБОТАТ НА ДЕЗОДОРАНС КОЈ УБИВА САМО НЕКОИ ВИДОВИ БАКТЕРИИ… Што во превод значи дека обичните дезодоранси го менуваат микробиомот во нашата мишка. А таму живеат и корисни бактерии, како тие што нé штитат против габични инфекции, на пример. Во меѓувреме, научниците работат на дезодоранс што ќе ги убива само бактериите што произведуваат смрдеа.
6. ОБИЧНИТЕ ДЕЗОДОРАНСИ ГО МЕНУВААТ МИКРОБИОМОТ НА МИШКАТА, И НЕ СЕКОГАШ НА ПОДОБРО. На пример, Березов цитира студија која покажува дека „антиперспирантите го намалуваат бројот на бактерии во мишката, но, интересно, предизвикуваат поголем диверзитет на микроби.
Ама не е така црно-бело. Да, кај луѓето кои користат дезодоранс/антиперспирант има повеќе бактерии отколку кај луѓето кои не користат. Кај луѓето кои обично користат, но престанале на неколку дена, се јавува изобилство од Стафилокока – бактерија што предизвикува инфекции. Кај луѓето што по навика не користат дезодоранс, пак, доминираат попријателските, ама сепак посмрдливи бактерии – Corynebacterium. Едноставно, не можеш да победиш.
7. ЗОШТО НЕ СМРДАТ МИШКИТЕ НА ДЕЦАТА? Кај тинејџерите, особено оние мрзеливите кои не обожаваат да се бањаат, смрдеата некогаш небаре можеш да ја видиш и со голо око. Ама ај сетете се кога последен пат сте гушнале дете што смрди на пот? Баш така.
Тоа е затоа што децата немаат смрдливи мишки сé до претпубертетска возраст (од 9-14 години). Процесот почнува најрано од 8-годишна возраст (кај повеќето е подоцна) и се нарекува адренарха (рана сексуална зрелост), при што адреналните жлезди почнуваат да излачуваат хормони наречени андрогени. Типично се сметаат за машки хормони, но ги лачат и момчињата и девојчињата, во различни количини. Во оваа фаза не само што потта почнува да го добива својот нападен непријатен мирис, туку на децата почнуваат да им растат и влакна под мишките и во меѓуножјето.
Не се знае премногу за адренархата, освен дека веројатно е неопходен чекор кон старт на пубертетот. Што може да објасни зошто тинејџерските соблекувални мирисаат како што мирисаат.
8. ЖЕНСКИТЕ МИШКИ МИРИСААТ НА КРОМИД, МАШКИТЕ НА СИРЕЊЕ. Истражувачите од Firmenich – женевска компанија, ги истражуваа разните финеси на телесниот мирис, со цел подобро да рекламираат производи на потрошувачите. Во нивната студија објавена во 2009-та во Chemical Senses, открија дека уникатниот букет од мириси под мишката варира во зависност од полот. Потта на жените содржи високи нивоа на безмирисно соединение кое содржи сулфур, кој комбиниран со бактериите под мишката продуцира продорен тиоалкохол со „кромиден“ мирис. Машката пот содржи повисоки нивоа на масни киселини, кои произведуваат „сиренест“ мирис при контакт со бактериите под мишката.
9. ДА СЕ ШИША ИЛИ НЕ?
Жените не секогаш се ослободуваа од влакната под пазувите, особено што до 1915-та носеа облека која целосно ги покриваше. Но тоа се смени, а влакнестите мишки ги докрајчи една реклама во Harper’s Bazaar, која сугерираше дека за да учествуваат во „модерно танцување“, жените мораат прво да ги остранат непристојните влакна под пазувите. До 20-тите, повеќето жени веќе носеа бричени мишки.
Се знае и дека општествените очекувања го обликуваат нашиот комфорт или дискомфорт околу носењето на влакнеста мишка. Дури и жените кои намерно пуштаат влакна како бунт против наметнатиот општествен тренд, признаваат дека не им е сеедно да ги покажуваат влакнестите мишки во јавност.
Како и да е, тука игра улога и аверзијата на западното општество кон нашите животински корени, во која спаѓаат и влакнестите мишки. Другите животни праќаат хемиски сигнали наречени феромони за да привлечат партнери. Уште не знаеме дали и луѓето имаат феромони, но има доста докази дека сме високочувствителни на човечките биохемикалии. А ако феромоните постојат, телесните влакна на мишките и во меѓуножјето се најверојатно местото каде ќе ги најдеме. Сепак, како „цивилизирани“ луѓе, сакаме да веруваме дека процесот на барање на партнер лежи во нашите срца и умови, а не во мирисите под мишка. Еден ден можеби ќе дознаеме дека биле сите три.
10. ИМА ЛУЃЕ ШТО СТАВААТ БОТОКС ПОД МИШКИТЕ. Прекумерното потење – познато како хиперхидроза, знае да биде многу непријатно за луѓето кои едноставно сакаат да носат обична облека без да им биде прошарана со дамки од пот. Според д-р Сонам Јадав – медицински директор на козметичка дерматологија во Њу Делхи, Индија, едно од решенијата за третирање на потењето под мишка е ботоксот (се користи и низ светот, не само во Индија). „Работи така што ја регулира синергијата меѓу невромускуларните споеви и потните жлезди“, објаснува Јадав.
Па ете, сега знаете дури и повеќе отколку што можеби сакавте.