Во оваа приказна се раскажува за еден прочуен хасидски рабин: Баал Шем Тов.
Тој бил многу познат во заедницата, бидејќи сите велеле дека е толку милостив човек, добродушен, убедлив и чист, додека зборувал, а Бог ги слушал зборовите негови. Бил воспитан во традицијата на своето родно место, според која сите кои имале неисполнета желба или потреба од нешто што не биле во можност да го постигнат, оделе кај рабинот.
Баал Шем Тов ги собирал еднаш во годината, на ден кој самиот го избирал. Ги водел овие луѓе до едно одредено место среде шумата што го познавал. Легендата вели дека кога пристигнувале таму, Баал Шем Тов палел оган од прачки и лисја на многу посебен и убав начин, по што многу тивко, сам си зборувал, изрекувајќи некаква молитва. И раскажуваат … Дека Бог многу ги сакал зборовите на Баал Шем Тов, бил толку фасциниран од огнот запален на овој начин, што не можел да го одбие неговото барање и ги исполнувал желбите на сите оние кои се наоѓале таму. Кога рабинот умрел, луѓето сфатиле дека никој не ги знаел зборовите од неговата молитва. Но го познавале местото во шумата и знаеле како да го запалат огнот. Еднаш во годината, следејќи ја традицијата утврдена од Баал Шем Тов, сите кои имале некаква потреба или неисполнета желба, се собирале на истото место во шумата, го палеле огнот по начинот на кој биле научени од стариот рабин, и бидејќи не ги знаеле зборовите на молитвата , пееле некоја песна, рецитирале псалм или едноставно се гледале и си зборувале за разни работи на истото она место околу огнот.
И раскажуваат … Дека Бог толку го сакал палењето на огнот, местото во шумата и собраните луѓе … што иако никој не ги кажувал соодветните зборови, сепак им ги исполнувал желбите на сите што се наоѓале таму. Времето минувало и од генерација на генерација мудроста постепено исчезнувала … И ете не нас. Ние не знаеме каде се наоѓа тоа место во шумата. Не знаеме кои се зборовите … Не знаеме дури и како да го запалиме огнот по начинот на Баал Шем Тов … Сепак, знаеме нешто друго. Ја познаваме оваа приказна … И раскажуваат … Дека Бог толку ја сака оваа бајка, толку му се допаѓа оваа приказна, што стигнал некој да ја раскаже и некој да ја ислуша, и Тој, поради тоа, ќе ја почитува секоја потреба и ќе ја исполни секоја желба на сите оние кои го делат овој момент … Така ќе биде …
Хорхе Букај