Тешко дека некој ќе биде изненаден што минатиот викенд во на калифорниските автопати се пријавени неколку случаи на возачи кои спиеле зад воланот на својата „Tesla“, додека со возилото управувал вградениот автопилот, некогаш и во пикот на сообраќајниот метеж. На една од многуте снимки, објавена пред неколку дена на Reddit, може да се види возач на бела Tesla кој очигледно е во длабок сон, а чии раце не се ни близу до воланот.
Корисникот кој ја евидентирал ситуацијата раскажува дека не можел да поверува дека некој би си дозволил да спие додека неговиот автомобил самостојно навигира низ сообраќајниот шпиц во Заливската област на Сан Франциско. Тој додава дека останатите возачи упорно свиреле за да го разбудат сопственикот на Tesla-та, но и кога ќе успееле, овој без многу двоумење се враќал на спиење.
Дека не се работи за поединечен случај, говори уште еден пример од изминатиов викенд. Имено, извесен Шон Миладиновиќ забележал уште еден возач како спие во својата Tesla, овојпат на автопатот 405 во округот Оринџ, на патот од Сан Клементе кон Сан Педро. За NBC Миладиновиќ вели дека и по изминати 45 километри возачот во Tesla-та сè уште спиел, па се решил да ја повика сообраќајната пoлициja.
Досега од компанијата „Tesla“ безброј пати, па и сега, предупредија дека нивниот самовозечки систем не е дизајниран за да можат возачите безбедно да спијат. Иако се работи за доста напреден автопилот, дизајниран е „да му помага“ на целосно буден возач, кој во секој момент внимава и е подготвен да ја преземе контролата врз возилото во случај на непредвидена ситуација на патот. Tesla дури вгради и безбедносен систем кој на глава ќе ви се качи ако ги тргнете рацете од воланот. Сепак, досетливите корисници одамна го хакнаа. Еден од нив тоа го направи со портокал (ВИДЕО тука).