Во 380-тата година пред нашата ера, во четвртата книга од „Држава“, Платон напиша: „Секој град, колку и да е мал, е всушност поделен на два – едниот е град на сиромашните, другиот на богатите“.
Повеќе од два милениума подоцна измисливме дронови, и сега имаме фотографи како Џони Милер, кој тој заклучок на Платон го прикажува преку фотографии.
Неговата серија Unequal Scenes („Нееднакви сцени“) почна во Кејптаун, Јужна Африка, каде во урбаниот микс сé уште се познаваат лузните од апартхејдот. Летајќи дрон врз Кејптаун, на негово изненадување, Милер открива изразит констраст меѓу затворените приватни населби со голф терени, и сиромашните населби со мали густо населени куќички со стари ѕидови и лимени покриви, наредени покрај локалните неасфалтирани патишта.
Апартхејдот заврши во 1994 година, но пред тоа да се случи, сегрегацијата беше спроведувана ем легално, ем архитектонски. Две декади подоцна, гледајќи од птичја перспектива, Милер уште може да препознае каде се наоѓале „тампон зоните“.
Во Кејптаун проблемот е лесно воочлив, па Милер ја прошири неговата Unequal Scenes и во други градови и земји. Меѓу нив Јоханесбург, Најроби и Мексико Сити. Очигледно, „нееднакви сцени“ постојат и денес, исто колку и во времето на Платон.
Нелсон Мендела еднаш рече: „Сé додека сиромаштијата, неправдата и вулгарната нееднаквост постојат во нашиов свет, никој од нас не може вистински да биде мирен“.