Недозволиво е луѓе да се пишуваат во друг етникум само за да добиваат работа, вели Сиљановска-Давкова по одлуката на Уставен за „балансерот“

Во Охридскиот договор јасно пишува дека кога зборуваме за администрација и за вработување, основниот, односно првиот критериум е стручност и компетентност, а дека покрај тоа, треба да се почитува и уставното начело на правична и соодветна застапеност

Не може да е занимање да бидете Македонец, Турчин, Ром, Влав. Не може, ако треба да имаме соодветна застапеност, да се соочиме со еден феномен луѓето во еден ден, една недела или во текот на една година да се декларираат така како што е курентно за да бидат примени на работа.

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на С Македонија

Ова го изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за ТВ 21, еден ден по одлуката на Уставниот суд за укинување на алатката „балансер“ за вработување според етничка припадност во администрацијата.

На прашањето за укинување на „балансерот“, Сиљановска-Давкова говореше и од позиција на професор по уставно право и од претседателкската функција со која, како што рече, ги претставува сите граѓани – и оние кои имаат забелешка на одлуката на Судот и оние кои сметаат дека одлуката требало многу порано да се донесе.

„Сите ги упатувам, бидејќи се повикуваат на изворот – на Охридскиот рамковен договор – уште еднаш да го препрочитаат. Таму јасно пишува дека кога зборуваме за администрација и за вработување, основниот, односно првиот критериум е стручност и компетентност, и дека покрај стучноста и компетентноста треба да се почитува и уставното начело на правична и соодветна застапеност. Најпрво, мене самиот термин ‘балансер’ ми е спорен, инструментот ми е спорен. Зашто прашањето е што балансирате – ако балансирате и стручност и компетентност и правична и соодветна застапеност тогаш е во ред, балансирате знаење со претставеност и тогаш тоа е во ред“,

изјави Сиљановска-Давкова во интервјуто за ТВ 21.

Претседателката ја оквалификува како „болна“ администрацијата во земјава.

„До таа мера станавме ние непрепознатливи или нестандардни што отворено после секои избори се кажува ‘тоа и тоа амбасадорско место ѝ припаѓа на таа партија, тоа директорско место’. Ние немаме свест за противправност. Е сега, Уставниот суд, бидејќи е чуварот на Уставот и законите, нè потсети на тоа, повикувајќи се со право на скринингот, оти рентгенот покажува дека сме болни во поглед на администрацијата“,

порача Сиљановска Давкова.

Уставниот суд вчера донесе одлука за укинување на „балансерот“.

Додека владејачката „Вреди“ од владината коалиција најавува законско решение за правична застапеност при вработувањата во јавната администрација, кое ќе го замени „балансерот“, опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Европски фронт“ обвинуваат оти укинувањето на оваа алатка е „антиалбанска политика на нелегитимната Влада“ со која, како што велат, „се укинува правото на етничка припадност“.

- Реклама -