Недоволната физичка активност доведува до бројни болести

Поради физичка неактивност, се проценува дека годишно во Европа има по еден милион смртни случаи.

Токму затоа, на Меѓународниот ден на физичката активност, кој денеска се одбележува ширум светот, лекарите апелираат до граѓаните да сфатат дека секое движење е важно за зачувување и подобрување на здравјето.

Приближно 31 процент од луѓето на возраст над 15 години не се доволно физички активни на Стариот континент, а повеќе од половина од жителите на Европа не се движат доволно за да ги исполнат здравствените препораки.

Светската здравствена организација препорачува најмалку 60 минути умерена физичка активност секој ден. Во препораките се нагласува дека секојдневната физичка активност треба да биде претежно аеробна и да вклучува интензивни вежби за зајакнување на мускулите, најмалку три пати неделно.

Во последните децении, има постојан пад на зачестеноста на редовна физичка активност, а повеќето адолесценти не се физички активни во согласност со препораките. Изборот на видот на активност (одење, пливање, трчање, вежби), нејзината фреквенција и времетраење зависи од полот и возраста, здравствената состојба, а особено во однос на состојбата на кондицијата.

- Реклама -