Примената на законот за работни односи и „Недела неработен ден” ќе бидат со одложена примена, од 1-ви јануари 2022 година. Истото ќе важи и за измените и дополните во Законот за данок на имот, соопштија денеска вицепремиерот за економски прашања – Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика – Јагода Шехпаска, и заменик-министерот за финансии – Димитар Ковачевски, на седницата на Комисијата за јавно-приватен дијалог (каква што се одржува секој последен петок во месецот), на која претставниците на Владата дискутираа со претставници на четирите најголеми стопански комори во земјата, кои се и членки на Платформата за јавно-приватен дијалог.
Предлог-законот за данок на имот веќе е во собраниска процедура, информираше Ковачев, посочувајќи дека стапките на данок на имот остануваат во досегашните рамки, освен за оние лица кои поседуваат повеќе единици на имот кои не се користат или не се во економска функција. Како што рече тој, законските измени се во функција на цел зголемување на продуктивноста и зголемување на приходите по основ на данок на имот.
На иницијатива на МАСИТ, на оваа седница се разговараше и за поставување на минимален праг на основица за плаќање на придонеси, при што вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата останува посветена на она што е дел од програмата, а тоа е скалесто намалување на персоналниот данок во ИТ индустријата.
Како и сите досегашни состаноци, и овој помина во конструктивна атмосфера, со отворени дискусии помеѓу вицепремиерот Битиќи, министерката Шахпаска и заменик-министерот Ковачевски – од една страна, и претседателката на МАСИТ – Анета Андова Пешева, претседателот на Стопанска комора на Северо-западна Македонија – Неби Хоџа, Претседателката на Сојузот на стопански комори – Данела Арсовска и извршната директорка на Стопанската комора на Македонија – Билјана Пеева Ѓуриќ, од друга страна, велат од Владата.