Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е позитивен на ковид-19. Со денови, со недели Максо бара цело Куманово да биде ставено во карантин. Никој не го слуша. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска сега дава „експертско“ мислење дека тоа барало многу ресурси и дека нема да помогнело.
Е да… Сега да, сега веќе ништо не може да помогне. Сега работата полека ви излегува од контрола, другарки и другарчиња.
По средбата со градоначалникот на Куманово, во домашна изолација веќе се (или мора да бидат) премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче. Тие денеска (16 апил) не присуствувале на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.
Османи веќе потврди дека се самоизолирал. Ако се следат правилата на игра воспоставени токму од македонските здравствени власти, Спасовски и Филипче мора веќе да се во самоизолација. За нивно и за наше добро. Здравјето, сепак, е пред сѐ. Нивното, но и нашето.
И така, Македонија привремено ќе биде земја во која премиерот, вицепремиерот кој е лекар и министерот за здравство кој е лекар, како и двајцата лидери на најголемите политички партии, покрај градоначалници и пратеници, или се во изолација поради сомневање дека се заразиле со опасната болест, или, не дај боже, веќе се позитивни.
А ме напаѓавте, другарки и другарчиња, ја пуштивте на најјако вашата малоумна пропаганда, кога пред една недела, во колумна, на ова место, јавно предупредив дека ние имаме сериозен проблем и кога го нагласив следново: „Да бевме нормално општество, кое не мора баш да блеска, туку само да функционира на некакво ниво на примарна организираност, за државните раководители и за водечките политички личности ќе имавме посебни протоколи за однесување во вакви екстремно кризни и опасни ситуации“.
Го поставив и следното прашање: „ Дали комисијата од епидемиолози, на чие мислење Филипче постојано се повикува, предложила некаков протокол за државните раководители и за водечките политички личности?“
Наместо да добијам одговор и ова предупредување барем некој да го сфати сериозно, бев изложен на потсмешливи коментари. Во меѓувреме, неодговорната променада на клучните личности по прес-конференции, на средби на разни нивои, ашкањето „на терен“ и безбројните телевизиски интервјуи секоја вечер – како за инает! – продолжија со несмалено темпо.
А јас и ова прашање го поставив пред една недела: „Што ќе се случи ако се утврди дека се суспектни и премиерот, некои од министрите, можеби дури и самиот министер за здравство? Кој ќе раководи? Кој ќе биде одговорен?“
И ете, се случи токму тоа што го предвидов! Што правиме сега?
Не ви иде памет, другарки и другарчиња!
Оливер друже, Венко министре, ве запознав како нормални, посветени и одговорни личности. И затоа не можам да ви се изначудам. Што ви е, бре?!
Се плашите дека ќе ви падне рејтингот? Се плашите дека не е доволно „јуначки“ да ставите заштитни маски? Се срамите на терен да одите во заштитни одела? Идоли ви се Доналд Трамп и Борис Џонсон? Мислевте дека Путин беше будала кога се појави во скафандер? Се плашите дека не е доволно „христијански“ да ги забраните масовните собирања за Велигден? Планиравте да одите на литургија? Им верувате на вашите велеумни советници, дека клучните функционери, кои треба да ја организираат борбата против заразата, не морало да се тестираат ако немаат симптоми?!
Алоооо! Какво е ова безумие, ве молам?!
Ако баш сакате да го загрозите сопственото здравје, граѓаните можеби не можат да ве спречат, но треба да сте свесни дека вие немате право на вакво однесување. Вие мора многу посериозно да се грижите и за вашето здравје, бидејќи тоа е услов да бидете способни да се грижите и за јавното здравје.