Не сум вмешан, објавете се што имате за Рекет

Нека се објави се во врска со Рекет, јас не сум вмешан. Сакаме ветинг и брзо продуцирање кадри за судството.

Покачувањето на платите не е предизборен пoткуп туку реален одраз на успешните политики на оваа влада. Прашањата со Грција и Бугарија ќе се решат низ договор. Ова се дел од поентите во неделното интервју за Слободна Европа со премиерот Зоран Заев, кој наведе и дека не го прочитал сега веќе повлечениот закон со кој се ограничуваа правата на протести во земјата, пред да се усвои на влада и да влезе во собраниска процедура.
Господине Заев, ќе бидете премиер до 3 јануари, а што потоа? Сметате дека ќе победите на изборите во април?

Секако да. Јас сум убеден дека ќе победиме. Секако, тоа е одлука на граѓаните. Тргнувам од впечатокот за тоа што е постигнати во овие две и пол години, каква е алтернативата, односно што нудат нашите опоненти и определбата за идниот раст и развој на нашата земја. Верувам дека со програма којашто ќе продолжи како континуитет на сето ова што досега е направено, граѓаните ќе имаат јасна определба да победиме на следните избори на 12 април.

Претпоставувам дека сте свесни за големата разочараност кај граѓаните што промената на името не доведе до датум за преговори со ЕУ, дека правдата сè уште не заживеа до оној степен како што треба во една демократска држава, дека граѓаните гледаат како големите играчи не завршуваат во затвор, додека тие кубурат со извршители и едвај врзуваат крај со крај.

Јас сум свесен за слабостите на оваа влада, но и на самиот систем, затоа што не е сè влада, барем не сè што набројавте. Секако, разочарувањето е присутно кај сите граѓани, присутно е и кај мене, поради тоа што ЕУ не донесе одлука. Останува нашата надеж дека таа историска грешка ќе ја поправат. Дефинитивно во правосудството граѓаните не ги добија очекувањата коишто ги имаат и затоа ние многу гласно зборуваме за она што ќе се случува во иднина во правосудството, затоа што правосудството не е под контрола на владата, на извршната власт. Ние ги донесовме законите, парламентот ги усвои, очекуваме многу работи во правосудството да се подобрат. Она што веќе е придобивка во судството е што имаме транспарентни процеси, имаме процеси која сите се еднакви пред законот и пред правдата, тоа го покажаа и случаите, што не беше случај пред 2,5 години за време на претходната власт, но секако тоа не е доволно. Знам дека се донесени неколку пресуди, неколку од нив се правосилни. Тоа сето не е доволно, но верувам дека во иднина ќе има уште повеќе конкретни пресуди.

Целата статија

- Реклама -