Не стивнуваат реакциите на бугарските политичари по изјавата на Николовски – се бара извинување и оставка на министерот

За речникот што го користат има само едно оправдување – оставка на тој министер, а доколку не го направат тоа, ниту претседателот, премиерот, министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив. Вака денеска лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов ја коментираше изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, кој во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска – Давкова и Румен Радев, рече „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации. Помизерни од нив се само нашите домашни слуги“.

Борисов во одговор на новинарско прашање смета дека македонските власти постапиле подло со бугарскиот претседател и министрите кои се сретнале со нив, и рече „Владата во земјава е формирана неодамна, па затоа можеби не се запознаени со државниот протокол“.

– Мислам дека постапија подло со претседателот, со министрите кои се сретнаа со нив, најдобронамерно, тоа не можам да го одречам. Навистина тие се од неодамна во Владата во Северна Македонија и работите околу протоколите не му се јасни на државниот протокол. Тоа е јасно опишано, за пријателска средба што се прави, за официјална, за работна, но да речеме дека тука немаат искуство. Но, јазикот што го користат има само едно оправдување – извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив, рече Борисов.

Прочитајте и:  Софија реагира и обвинува за „провокации и навреди“ од Скопје

Според лидерот на ГЕРБ, Бугарија однадвор изгледа страшно и затоа мора како држава да се обиде да покаже стабилност за да може да оди напред, а тоа, вели Борисов, Бугарија не го прави веќе на седми избори по ред.

– Прво ние треба да однесуваме како држава, да покажеме стабилност, да покажеме потенцијал да одиме напред, а ние не го правиме тоа веќе седми избори. И вие самите од нас, од мене, сте слушнале дека однадвор Бугарија изгледа ужасно. Најголемите весници во Европа пишуваа дека Бугарија нема владеење, додаде лидерот на ГЕРБ.

Реакции имаше и од други бугарските политичари. Станислав Балабанов од „Има таков народ“, коментирајќи го телевизиското интервју на Николовски во Народното собрание рече дека политичарите во Северна Македонија нема да ја видат Европската унија со вакво однесување, нагласувајќи дека не разбира зошто бугарските политичари се револтирани, кога истите тие пред неколку години го укинале ветото за земјава.

– Политичарите во Северна Македонија нема да ја видат ЕУ со ова однесување. Северна Македонија нема да мириса на ЕУ, ако случајот стигне до ИТН, сѐ додека не го поправат своето однесување, реториката и не ги почитуваат сите елементи од договорите, рече Балабанов во Народното собрание. Во првиот ред, оние кои се преправаат дека се евроатлантичари – Борисов, Пеевски, Асен Василев, Кирил Петков, Христо Иванов, ги притиснаа копчињата за да се тргне ветото. Не разбирам зошто истите тие политичари се револтирани, денес, откако и ја дадоа Бугарија „на шалтер“ пред неколку години со укинувањето на ветото, рече Балабанов.

- Реклама -