Не Русите, туку Бог замешал прсти за Доналд Трамп да стане претседател (ВИДЕО)

Бог сакал Трамп да биде претседател, одговори портпаролката на Белата куќа – Сара Сандерс, на прашањето како од сите луѓе токму Трамп успеал да стане претседател, што ѝ беше поставено како дел од интервјуто за Христијанската телевизиска мрежа (Christian Broadcast Network, CBN).

Иако нејзиниот одговор ги изнасмеа противниците на Трамп, па и дел од оние што го поддржуваат, не може да се рече дека е неочекуван. 36-годишната Сандерс е ќерка на влијателниот баптистички пастор и поранешен гувернер на Арканзас – Мајкл Хакаби, а и самата често зборува за своите верски сфаќања. Toa ја прави идеален кандидат за интервју за верски телевизиски канал како CBN, што впрочем се гледа и од одговорот.

„Мислам дека Бог сите нас нé повикува да си ги обавиме различните улоги во различните времиња и мислам дека ТОЈ сакаше Доналд Трамп да биде претседател…. Затоа е тој (Трамп) таму (на позиција претседател) и мислам дека одлично работи кога е во прашање поддршката за оние нешта кои им се значајни на верниците“, рече Сандерс.

Портпаролката ја искористи приликата и да ги искритикува Демократите, порачувајќи дека е многу тешко да се слушаат нивните морални лекции. Сандерс ја оцени како смешна критиката од страна на претседателката на парламентот – Ненси Пелоси, која ѕидот што Трамп сака да го изгради на границата со Мексико – го нарече „неморален“.

„Искрено, во овој момент е многу тешко да се слушаат лекциите од Демократите за тоа што е морално, а што не… Тоа е смешен напад, за кој Пелоси би можела и да зажали… Заштитата на луѓето во својата земја – неморално? Тоа е основна должност на претседателот на САД“, одговори Сандерс.

Прочитајте и:  Украина ја повика меѓународната заедница да не ја поврзува со обидот за убиство на Трамп

Трамп има силна поддршка меѓу американските евангелисти. Според Вашингтон Пост, во 2016-та Трамп добил дури 80% од гласовите на евангелистите, што е повеќе отколку што добија  републиканските кандидати Мит Ромни и Џон Мекејн на претходните избори.

Интервјуто за CBN се случува само неколку дена откако Трамп на Твитер ја поддржа иницијативата во неколку сојузни држави за да се воведе веронаука во училиштата.

„Неколку држави воведуваат часови по Библиска писменост, давајќи им на учениците можност да ја проучуваат Библијата. Почеток на пресврт? Одлично!“

Овој потег, секако,  наиде на бројни критики. „Често часовите по веронаука во јавните училишта потсетуваат на неделна миса и ги кршат правата на учениците и студентите загарантирани со Првиот амандман од Уставот. Јавните училишта треба да му служат на образованието, а не на религиската индоктринација“, пишува адвокатката Хедер Вивер од Американскиот сојуз за граѓански слободи.

- Реклама -