Не постои млад човек што сака да остане тука

Бидете реални, не задржувате никакви млади тука. Не создава оваа држава никакви квалитетни луѓе со знаење и желба да придонесат за општото добро.

Зашто не може никој себе да се обезбеди и да се среди.

Нема млад човек што сака да остане, останува тој што нема поинакви можности, тој што веќе државава премногу го осакатила, тој што мора да излага и да се враќа по 100 пати и не успева стабилно да остане надвор.

Остануваат неколку будали уморни од сè, фатени во лимбото помеѓу колку вложиле, колку малку добиле, и колку и тоа да е минорно, а не е, не сакаат да го заборават почнувајќи сè одново.

Остануваат оние што научиле на сила да заработат, некого да газат, оние што имаат интерес и профитираат на туѓ грб.

Остануваат политичарите и привилигираните.

Остануваат и последните во општеството како утеха за претпоследните, но нив и онака никој не ги третира дека постојат.

Возрасни бегаат, луѓе на 45-50 години зимаат сè и си одат, макар и изгореле.

И не е за пари, никогаш не било, не заради таа цркавица од 400-500 евра. Јок, заради фазла државата е, фазла луѓето, фазла односите, корупцијата и криминалот на секој чекор, силеџиите од секаков вид, провинцискиот дух, насилството, капиталистичкиот феудализам, улеженоста, оштетеноста, утепаноста од секаков вид.

Не враќате никого, не задржувате никого, не си правете бајрам на умот и не оправате ништо со скапо купен социјален мир, само дупката ја правите поголема и го јадете и она малку за идните генерации, кои сѐ помалку ќе ги има.

Џабе патетики, овде уште не е успорен регресот, камоли да се почне нешто ново што би дало дивиденда за 20-30 години.

Имаме еден живот, ама на човек тука му доаѓа да посака некој нов, втор живот, каде ќе биде подобар и ќе му биде подобро во околината.

Признајте си, го уништивме она малку во луѓето што ги правеше пристојни, што нивниот живот го правеше достоинствен, и што беше основа за некој да се бори и жртвува за оваа држава.

(ФБ статус на авторот)

- Реклама -