Во своето обраќање од собраниската говорница, Меџити оцени дека интерпелацијата не е поврзана со него, ниту со албанскиот јазик, Балансерот или правичната застапеност, туку со желбата на ДУИ да се врати на власт
Интерпелацијата за него ја образложи координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети кој рече дека бараат политичка одговорност и оставка од Меџити затоа што неговата неспособност придонела за влошување на меѓуетничките односи
Со само три гласа „за“ и 64 „против“ Собранието вечерва ја отфрли интерпелацијата за првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити кој доаѓа од редовите на коалицијата „Вреди“.
Интерпелацијата ја поднесе опозицискиот „Европски фронт“, предводен од ДУИ, но таа не ја доби поддршката од другите пратенички групи.
Пратениците на СДСМ воопшто не учествуваа во расправата и гласањето на денешната седница. Координаторот на пратеничката група на опозициската партија, Оливер Спасовски пред почетокот на седницата рече дека во СДСМ сметаат дека нема потреба да има нови поделби по етничка основа во однос на интерпелациите.
Инаку, за да помине интерпелација во законодавниот дом, таа треба да биде поддржана со апсолутно мнозинство, односно за неа треба да гласаат најмалку 61 пратеник.
Во своето обраќање од собраниската говорница, Меџити оцени дека интерпелацијата не е поврзана со него, ниту со албанскиот јазик, Балансерот или правичната застапеност, туку со желбата на ДУИ да се врати на власт.
Говорејќи во таа насока, тој и порача неговата поранешна партија дека треба да се реформира и да престане со агресивноста, ароганцијата и подгревањето на меѓуетнички тензии кои, како што рече ги практикува во изминатите шест месеци, откако е во опозиција.
„Тоа зборува само едно, дека оваа партија е корумпирана и тоа е темата на која ДУИ треба да даде одговор. ДУИ е во длабока криза, поделена, секој ден со агресивност сака да предизвика национални тензии. Албанците ве тргнаа од власт зашто сте барале од нив парцели да отворате казина и да се збогатите. Никој не ве почитува, ниту ви верува. Конфликтниот јазик со кој секојдневно ги труете граѓаните е доказ за вашиот клиентелизам, корупцијата ви е стандард, ги угаснавте независните медиуми и ги заменивте со партиски. Сакате да верувате во вашата лага дека вечно ќе останете на власт“,
рече, меѓу другото, Меџити.
Напомена и дека ДУИ не се оградила од ексвицепремиерот и висок партиски функционер Артан Груби, кој се бара со меѓународна потерница и е на американската „црна листа“.
„Јасно дека тој што избега од правдата се уште ја држи контролата во партијата за негови лични интереси, а и денес, еден месец од неговото ставање на ‘црната листа’ на САД, ДУИ не се дистанцира од Груби. Дали некој се уште верува дека е виновен само Артан? Денес, кога партијата тоне, немате храброст да се дистанцирате од корупцијата и криминалот. Крајно време е да се реформирате“,
кажа Меџити.
Интерпелацијата за него ја образложи координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети кој рече дека бараат политичка одговорност и оставка од Меџити затоа што неговата неспособност придонела за влошување на меѓуетничките односи.
Беџети како причини за покренувањето на интерпелацијата ги наведе и случувањата од 28 ноември кога се одбележуваше Денот на албанското знаме и кога беше сквернавено македонското државно знаме. Дополнително, ги наведе и Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората и Законот за употреба на јазиците.
„Со оваа интерпелација, бараме одговорност за работата на првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, поради неспособноста и неуспехот во управувањето со меѓуетничките односи и со справувањето со важни инциденти кои ја загрозиле безбедноста и стабилноста на општеството во Република Северна Македонија. Изет Меџети, како прв заменик-претседатрел на Владата и министер за животна средина и просторно планирање не успеа да се справи со меѓуетничките тензии кои настанаа во земјата. Неоправданото и дискриминаторско вмешување на безбедносните сили за време на прославата на Денот на албанското знаме, како и неговата пасивност при управувањето со овие ситуации, покажуваат неспособност за справување со овие важни прашања и за обезбедување на еднаков третман за сите граѓани“,
се вели во интерпелацијата што „Европскиот фронт“ ја поднесе за првиот вицепремиер.
Дека нема да дадат поддршка за интерпелацијата за Меџити соопштија и од пратеничката група на Левица, а таа не доби поддршка и од партиите од владејачката коалција – ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и „Вреди“.
Собранието ја почна 29. седница со интерпелација за Илире Даути, која беше поддржана со со 61 глас „за“. Интерпелацијата беше поднесена од пратеничката група на Левица.