Не мисли позитивно

fset46_0001[1]

На Интернет мудрости од типот „ако сакаш нешто мораш силно да веруваш“ колку сакаш. „Мисли позитивно, мисли позитивно, мисли позитивно“… те убедуваат пар документарци од типот на „Тајната“, демек тајната е во тоа што универзумот се досадува и одвај чека да му ги испратиш твоите желби за да ти ги оствари.

Ама, и покрај целиот „хајп“, позитивното мислење не е за секого. Истражувањата покажуваат дека визуелизирањето на успехот, кај некои луѓе, може всушност да придонесе во тоа  да не успеат, објаснува Ванеса Хил во епизода од Braincraft.

Во една студија, на партиципанти со висока и ниска самодоверба им било речено да ја повторуваат фразата „Јас сум допадлива личност“. Истражувачите потоа го „измериле“ расположението и чувствата кај волонтерите, и нашле дека тие со мала самодоверба всушност се чувствувале полошо откако ги повторувале бараните позитивни афирмации. Тие пак, со висока самодоверба, се чувствувале само малку подобро, речиси безначајно. Во посследователната студија, тие со мала самодоверба биле прашани да направат листа од позитивни и негативни мисли за себе. Овој пат, по завршувањето на листата, луѓето се чувствувале подобро.

Се работи за нешто што се нарекува „латитуда на прифаќање“, објаснува Ванеса. Тоа во основа значи дека пораките кои се поблизу до нашата позиција на верувања се помотивирачки за нас отколку тие што не се. А пораките што се надвор од нашата сопствена латитуда на прифаќање, како на пример тоа дека си „допадлива личност“ кога сметаш дека не си, често се силно отфрлени и на крајот само го засилуваат негативното чувство кое веќе го имаме за себе.

Другите истражувања покажаа дека мислењето дека ќе успееш, без да мислиш како ќе стигнеш таму, може да ја намали мотивацијата и да ја исцрпи нашата амбиција. Тие, пак, што позитивно ја визуелизираат следната недела, на пример, често завршуваат со помалку енергија од тие што замислуваат дека ќе се одвива негативно. Притоа овие првите остваруваат и помалку од своите цели.

Најважното е, што сите сме различни, и сите реагираме на различен начин кон светот, вклучително и кон позитивната визуелизација. Згора на тоа, и негативните мисли некогаш знаат да бидат мотивирачки.

- Реклама -