Не ги крадете цвеќињата, дојдете ќе ви донираме

Македонците во изминативе  шест месеци, ги оштетиле „Паркови и зеленило“ за околу 30.000 евра, информираше директорот Душан Авировиќ. Имено, украдени се 36.000 цвеќиња низ градот, а  уништени се и многу инсталации и хидранти, нови дрвја, зимзелени садници, а постојано се кршат и цветните фигури што претпријатието ги поставува во паркови и во средишното булеварско зеленило. Особено цел се скулптурите на штрк во Аеродром, маскотата на тамошниот кошаркарски клуб, и тоа на противничките навивачки групи. Во изминативе денови биле искршени и четири италијански садници спроти поранешната фабрика „Треска“ во Kапиштец.

„Апелираме до граѓаните да не крадат цвеќиња и да не го оштетуваат зеленилото низ Скопје. Доколку имаат потреба од цвеќе, ги повикуваме да дојдат во претпријатието и ние ќе им донираме“ истакна  директорот.

Најголемите оштетувања се во Градскиот парк, од каде што во изминатиов период се искршени и украдени 50 прскалки и 30 хидранти.

- Реклама -