Не е точно дека над 400 лекари се иселиле од земјава, тврди Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска демантираше дека над 400 млади лекари ја напуштиле земјава, како што тврди Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.

„Откако излезе таа информација во јавност ние ги проверивме податоците и бројките. Не знам дали станува збор за лажна информација или некој сакал да ја спинува информацијата, но во Лекарската комора издадени се само околу 160 потврди за заминување во странство, а тоа им треба на сите млади или лекари со искуство кои треба да одат да работат макар и привремено, заради тоа што без таа потврда не можат да ги нострифицираат документите во било која држава”, рече Филипче.

Според него, тоа е за 20 потврди помалку од минатата година, што укажувало дека даваат резлутати мерките од последните две години-вработување за сите невработени лекари преку мерката за шестмесечниот стаж, над 5.000 дадени согласности, за 50 отсто зголемени плати, а догодина и за речиси сто проценти односно и надминати 100.000 денари на некои клиники и институции. Филипче додава дека тоа се дел од мерките што младите лекари ќе ги задржат овде во земјава.

Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти изминатава недела излезе со тврдење дека од земјава се иселиле над 400 лекари. Тие формирале и Регистар на лекари кои се надвор од земјава за да ја следат состојбата со нивното иселување.

- Реклама -