Не е Мерко недопирлив и неказнив, туку ДУИ, црната листа на САД нема да смени ништо – смета Клековски

Изјавите на владата дека е посветена 24/7 на уставните измени се само за дефокусирање на јавноста од корупциските скандали, а власта единствено е посветена на договорот со „Бехтел и Енка“ и слични такви договори, оцени Сашо Клековски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното гостување во емисијата „ЗА или ПРОТИВ“ на телевизија „Алфа“.

„24/7 се посветени на договорот со Бехтел и Енка и на слични договори, а уставните измени се тука само за дефокусирање на јавноста кога ќе излезат корупциски скандали на површина. И оттука, мислам дека уставните измени се само некоја димна завеса за да не гледаме што друго се прави“, рече Клековски.

Тој потенцираше дека уставните измени не зависат од административните подготовки, туку од политичката волја на партиите, повторувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени под бугарски диктат.

„Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени под овие услови“, категоричен е Клековски.

Во однос на одлуката на Стејт Департментот, кој градоначалникот на општина Струга од редовите на ДУИ – Рамиз Мерко, го стави на „црната листа“ на САД, Клековски оцени дека тоа е голема осуда и дека сега, како што рече, зависи од македонските институции што понатаму ќе преземат.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

„Црните листи се само патоказ. Ова е чекор во добра насока, а што ќе се случува понатаму зависи од нас. Претпоставувам дека штом САД ставиле одредено лице на црната листа има доволно докази, бидејќи ова е прилично голема осуда. И сега прашање е дали нашите органи и институции ќе бидат поттикнати нешто да направат или не“, рече тој.

Сепак, Клековски е песимист дека одлуката на Стејт Департментот ќе го вклучи алармот на институциите и дека „вака поставеното“ правосудство ќе има храброст да преземе нешто против „недопирливиот Мерко“. Притоа, тој потсети дека ДУИ, а не струшкиот градоначалник лично, се оние кои се недопирливи и неказниви.

„Ние знаеме дека ДУИ, а не Мерко, се недопирливи и неказниви; од пајакот што ја удри полицајката, значи од банални, до покомплицирани случаи. Така што, не верувам дека правосудството како што е поставено сега ќе има храброст да преземе нешто“, објасни Клековски.

- Реклама -